Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, пред година и половина кога седна во градоначалничката фотелја возел „пежо 1007“, а сега си купил нов автомобил, марка „БМВ Х5“ кој го пријавил и во анкетниот лист. Тој во изјава за „Макфакс“ вели дека е нормално да си купи нов автомобил и додава „Нема со магариња да патуваме“.
-Автомобилот е произведен во 2010 година и чини 17 илјади евра. Беше 20 илјади евра, па ми ја намалија цената оти беше оштетен кај багажникот и ми ја намалија цената. Јас кога дојдов за градоначалник, не бев на улица најден. Го купив со заштеда, го продадов стариот автомобил и го исплаќам на рати. Автомобилот е увезен од Америка. Па, нема со магариња да одиме, вели Наумовски за „Макфакс“.
Наумоски во изминатиот период беше актуелен во јавноста откако „Макфакс“ објави дека со буџетот за оваа година оставил простор за зголемување на неговата плата. Исто така, како прв човек во Ѓорче Петров, на крајот од минатата година потроши 13 илјади евра за набавка на пенкала, верски календари и други промо-материјали.