Македонија 22. март 2020. / 12:45

Нема да дозволиме путинистички пропагандисти да одлучуваат дали смееме да поставуваме прашања!

Нема да дозволиме путинистички пропагандисти да одлучуваат дали смееме да поставуваме прашања!

Владата одлучи да спроведе брутална цензура за професионалните онлајн медиуми на кои практично нема да им се дозволува да присуствуваат на нејзините прес конференции.

Имено, во последниот допис на владата, практично се изземаат порталите кои не се под контрола на Здружението на новинари (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите и тие нема да добијат право онлајн да присуствуваат на прес-конференциите.

Ова е скандалозно, ако се има предвид дека две здруженија на граѓани кои се под контрола на владејачката СДСМ ќе бидат оние кои ќе одлучуваат за тоа кој смее да поставува прашања до владата.

Економски Лидер е професионален медиум, со тим од 7 професионални новинари и две технички лица и најостро реагира на оваа цензорска одлука на владата. Нас ни беше нудено да бидеме дел од регистерот на ЗНМ, но затоа што оваа невладина организација ја сметаме за политички привезок, не прифaтивме да бидеме дел од нивната групировка.

Особено е скандалозно што едно од телата во Советот за етика во медиумите, го води Мирче Адамчевски човек кој себеси се претставува како новинар, а во суштина е маша на руската авторитарна пропаганда во земјава.

За нас е неприфатливо пропагандисти на путинистичкиот авторитарен режим да одлучуваат кој да поставува прашања до владата. Нашата уредувачка политика се залага за слободно и независно новинарство и не може да прифати авторитарни типови за тоа дали ние сме професионални или не.

Бараме, уште денес владата да ја смени својата одлука и да ни дозволи да поставуваме прашања на нејзините прес-конференции, затоа што сакаме преку прашања да ги проверуваме информациите кои ги имаме.

Во спротивно, ќе реагираме до сите релевантни меѓународни институции и ќе размислиме за наредните чекори.

Љупчо Златев
Главен уредник на Економски Лидер