Во случај на предвремени парламентарни избори кон крајот на ноеври се поизвесно е дека земјава и понатаму ќе остане без Антикорупциска комисија.
Министерката за правда Рената Дескоска тврди дека има задоволителен нацрт текст на нов Закон за спречување на корупција. Не може да предвиди дали Собранието ќе оди со уставни измени или ќе се распушти, па оттаму вели дека усвојувањето на законот и изборот на нови антикорупционери зависи од законодавниот дом. Сепак порача дека треба да се избере Антикорупциска која ќе функционира за време на изборите.
Граѓанските организации за борба против корупцијата очекуваат формирање на професионално тело чии членови ќе поминат распит во Собрание. За нив е неприфатливо идните антикорупционери да бидат предмет на меѓупартиски разговори и бараат забрзување на процедурите за да се формира Антикорупциска додека траат изборите.
Во меѓувреме на адреса на Антикорупциска и понатаму пристигаат пријави со сомнеж за за корупција и судир на интереси но за нив мора да одлучи комисија во полн состав. Пред седум месеци пет членови на Антикорупциска си поднесоа оставки откако беше обелоденета ревизијата направена од УЈП.