Македонија 21. декември 2020. / 16:18

Недоречености од четвртиот сет мерки ги револтира лицата со статус на дете без родители

Недоречености од четвртиот сет мерки ги револтира лицата со статус на дете без родители

Недоречености во една од четвртиот пакет мерки за справување со корона кризата предизвика забуна и револт кај граѓани кои имаат статус на дете без родители и родителска грижа.

Тие реагираат до редакцијата на Лидер дека откако увиделе дека ги нема во списокот за финансиска помош од Владата во висина од 6.000 денари одоговор побарале од центрите за социјална работа од каде им било објаснето дека мерката важи за деца без родители и родителска грижа од 0 до 18 години сместени во згрижувачки семејства.

-Која е логиката да им се даваат пари на деца кои се згрижени, на кои им е обезбедена храна, кирија, сметки и останато, а ние да се бориме сами за семејствата, прашува лице кое ја контактираше редакцијата на Лидер.

Откри дека повеќе од 80-ет, како што вели, домски деца, проверуваат и ги нема во списокот, а изоставени биле и во изминатите пакети помош за справување со корона кризата. Вели се чувствуваат омаловажени и оставени сами да се справуваат со проблемите кои ги предизвикува корона-кризата.

– Да, не сме деца, возрасни сме, но и пензионерите се возрасни па тие со ниски примања добиваат помош. Голем дел од нас живеат во социјални станови, имаме сметки, усти за ранење. Немаме родители, немаме семејства и нам ни е потребна помош. Нормално е да сме омаловажени, не може да ни кажат мерката е за деца без родители и тоа е тоа, вели револтираниот граѓанин.

Пред два дена надлежните објавија ажуриран список на кој граѓаните ќе можат да проверат дали им следува финансиска помош од Владата во висина од 6 000 денари. Во објавата за четвртиот пакет мерки за справување со последиците од Ковид-19 се вели:

-Финансиската поддршка е наменета за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, стои во објавата.

Конкретно во критериумот за финансиска поддршка за деца без родители и родителска грижа не е прецизирано дека мерката важи за деца без родители и родителска грижа од 0 до 18 години сместени во згрижувачки семејства.

Соред податоците на Министерството за труд и социјална политика, вкупниот број на згрижувачки семејства во земјава е 206, кои згрижуваат вкупно 400 лица, 383 деца и 17 возрасни.