Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, рече дека недобивањето датум за преговори, е техничко прашање, а не поради неуспехот да се исполнат реформите, пренесе АлсатМ.
Според него, владата нема да остане со скрстени раце до октомври, кога се очекува да биде даден датумот, туку ќе работи на спроведување на реформите. Османи рече дека реформите и нивното спроведување не се прави само затоа што побарале од ЕУ, туку за доброто на граѓаните на Македонија.
– Реално во заклучоците на Советот, министрите, а и на премиерите, немаше нови забелешки кои треба да ги исполниме за да добиеме датум во октомври. Значи, конечно извештајот на Комисијата е усвоен, препораката е прифатена, сега само треба технички да се донесе одлуката во октомври штом го одобри Бундестагот. Она што е наша задача, се разбира од самиот извештај кој вели дека треба да продолжиме со исполнување и спроведувањето на законите што се усвоени, но тие не се само задачи кон ЕУ, туку и кон нашите граѓани. Овие закони ги усвојуваме за да ги подобриме животите на граѓаните. – изјави Бујар Османи.