Македонија 01. август 2020. / 12:05

Не ветија, ама остварија повисока цена на струјата: Изборите поминаа, власта удри по џебот на граѓаните

Не ветија, ама остварија повисока цена на струјата: Изборите поминаа, власта удри по џебот на граѓаните

Бурни реакции предизвика во јавноста одлуката цената на електричната енергија да се зголеми се 7,4 отсто. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски поскапување на струјата побарале сите електро-енергетски компании заради проблемите што ги предизвика кризата со коронавирусот Ковид-19.

Бислимовски вчера истакна дека ЕСМ има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО намалување на приходите од 11 милиони евра.

Сепак за многумина ваквата одлука е вид манипулација со граѓаните. Голем дел од јавноста смета дека власта чекала да заврши изборниот процес, па по изборите да удри по џебот на граѓаните со ново поскапување во услови на коронакриза кога граѓаните се уште се соочуваат со бројни економски проблеми.

Поранешниот советник во Министерството за финансии Бранимир Јовановиќ на својот фејсбук направи кратка споредбена анализа со неколку европски држави и нивната стратегија во однос на енергетскиот сектор во време на коронакриза, а во насока на поскапувањето на струјата во Република Македонија од 7%.

Во новата негова објава на Фејсбук, пишува дека ЕВН лани остварила нето добивка 36 милиони евра, МЕПСО 7 милиони, ЕСМ (ЕЛЕМ по старо) 3 милиони. Јовановиќ вели дека во исто време, 100.000 луѓе во државава живееле со помалку од 40 денари на ден.

Зборувајте ми дека е оправдано поскапувањето на струјата, тивко, полека, пишува тој на Фејсбук.

Новинарот Огнен Чанчаревиќ својот став го искажа на Фејсбук. Пишува дека при производството на струја не поскапело ништо, за да поскапе цената на електричната енергија.

Прво ме закрпија со 50% повисока сметка за јуни, а сега господата покачуваат цена. Што поскапе при производството на струја за да поскапи и цената? – Ништо. Ама мора да има за плати за тие “избраните по стручност и неопходни” стотици, па и илјадници плакатолепачи, партиски ботови и медиокритети, швалерки и швалери од сите раси, вери и партии во МКД, напикани во ЕСМ и МЕПСО. Да има за скап мебел, за “служебни патувања”, ручеци, вечери, одмори… Е затоа поскапе струјата. Одамна знам дека ниту срам имате ниту разбирачка. Образ ѓон! Ама усул бе малку, полно луѓе едвај крај со крај крпат а допрва сметките ќе стигаат, пишува Чанчаревиќ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со свој став по однос на поскакувањето. Мицкоски вели дека иако власта не ветила остварила повисока цена на струјата.

Не ветија, ама остварија повисока цена на струјата. Она што оваа влада го спроведе како институционален поткуп ќе им биде одземено на граѓаните преку повисоките сметки за струја. Евтина тарифа за струјата со која толку многу се фалеа ќе биде неколкукратно повеќе наплатена од џебот на граѓаните. Ова е сериозен удар врз граѓаните. Бандитизмот на оваа власт е во секоја пора, а криминалот и празната каса на државните институции ќе се покриваат со парите на народот, кредитите веќе не помагаат. И затоа покажаа дека само во криминал и грабеж можат уште повеќе и уште подобро!, стои во неговата објава на Фејсбук.

Цената на електричната енергија за домаќинствата поскапува за 7,4 отсто, а остануваат за користење ниска и висока тарифа односно евтината и скапа струја.