Македонија 14. септември 2020. / 18:15

Настава со физичко присуство бараат 113 училишта

Настава со физичко присуство бараат 113 училишта

Здравствените инспектори ќе вршат контрола дали се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и дали наставниците и учениците ги применуваат протоколите пропишани од Комисијата за заразни болести во училиштата каде ќе има физичка настава први октомври, велат од Министерството за образование и наука.

Според податоците од МОН , од вкупно 494 училишта:
– 113 физичко присуство на учениците од кои 79 основни училишта и 34 средни училишта.

Но владина комисија допрва ќе треба да прави проценка дали овие училишта ги исполнуваат условите за да ги отворат вратите за учениците.

Од МОН велат дека во моментов сите училишта се подготвуваат за старт на учебната година на први октомври.

-Со физичко присуство ќе стартуваат учениците од прво до трето одделение согласно протоколите и планот, а на предлог на владината комисија, Владата ќе одлучи на кои основни и средни училишта ќе им дозволи да спроведуваат настава со физичко присуство. Сите останати кои не ги исполнуваат условите пропишани во протоколите наставата, ќе ја спроведуваат преку онлајн платформа. Но, сепак станува збор за динамичен процес којшто се следи на дневно ниво од Комисијата за заразни болести и во зависност од епидемиолошката состојба ќе се изнаоѓа најсоодветното решение, кое треба да биде баланс помеѓу заштитата на јавното здравје и учењето, велат од Министерството за образование и наука.

Во меѓувреме пак наставниците се обучуваат како да држат онлајн настава на националната платформа. Од МОН велат дека завршена е обуката на првата група наставници обучувачи кои пак понатаму ќе треба да продолжат да ги обучуваат своите колеги.

– Изработката на Единствената национална платформа за онлајн настава е во завршна фаза и наскоро ќе има презентација пред јавноста.Единствената национална платформа за онлајн учење ќе овозможи унапредување на образованието, затоа што ќе биде дополнителна алатка која ќе им служи на наставниците и учениците и во иднина, кога образовниот процес ќе се одвива без здравствена закана, додаваат од Министерството за образование и наука.