Македонија 15. мај 2018. / 12:33

Насер Селмани за поставувањето на активен новинар за советник: Можно е со советнички хонорар да се финансира владина пропаганда

Насер Селмани за поставувањето на активен новинар за советник: Можно е со советнички хонорар да се финансира владина пропаганда

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, за Лидер го прокоментира поставувањето на новинарот на ТВ ВИС Струмица Ѓорги Калајџиев, кој сеуште има своја емисија на телевизијата, за советник на премиерот Заев. Селмани прво соопштива дека Калајџиев не е член на ЗНМ.

“Новинарите се слободни да изберат што ќе работат во животот. Новинарската професија не е компатибилна со советничка функција. Ако колегата Калајџиев прифатил да биде советник на премиерот, би било препорачливо да го стави неговиот новинарски ангажман во ТВ Вис. Иако нема законско ограничување новинар да биде советник на премиер, Етичкиот кодекс на новинарите инсистира тие да одржат професионална дистанца од политичките субјекти.

Во принцип секогаш е можно со советнички хонорар да се создава владина пропаганда, кога паралелно се извршува новинарска професија и ангажман како советник на премиер, но сепак за да се каже со сигурност тоа треба да биде констатирано од надлежно саморегулативни тело.”, вели Селмани за Лидер.

Во новинарството практично е непознато во исто време да се биде и новинар и политички функционер, ако се знае дека работа на новинарите е токму да известуваат за прашањата од јавен интерес и работата на политичките функционери, па се отвора скандал и се поставува прашањето: Дали можеби зо советнички хонорар се плаќа владина пропаганда.

Лидер се обиде да стапи во контакт со господинот Калајџиев, кој сакавме да го прашаме дали не смета дека во неговата функција постои конфликт на интереси.

-Јас сум само водител на емисија, за се обратете се кај владиниот портпарол Миле Бошњаковски – ни рече Ѓорги Калајџиев во краткиот телефонски разговор.

Но, краткото истражување ни покажа дека Калајџиев до скоро бил одговорен уредник на ТВ Вис, а во моментов на нивната веб страница, оваа Струмичка телевизија не е објавен импресум и не е наведено дали можеби тој сеуште е одговорен уредник.

Доколку се расчепка подетално, ќе се види дека токму кај Калајџиев, премиерот Заев ги имал најголем дел од своите гостувања на оваа струмичка локална телевизија.

Побаравме коментар и од владата. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски не замоли за коментар и подетални податоци околу ангажманот на Калајџиев да почекаме до утре, со оглед на тоа дека коментарот го бараме попладне а него ќе му треба време од владините служби да побара подароци. Чим добиеме одговор од Бошњаковски, него целосно ќе го објавиме.