Намален е бројот на новодијагностицирани и починати, како и на процентот на позитивни од тестирани за Ковид-19 во периодот од 14 до 20 месецов споредено со претходната недела, покажуваат податоците од вчера објавениот неделен извештај на Институтот за јавно здравје. Тоа, посочуваат оттаму, е тренд во изминатите три недели.
Во тој период се пријавени 159 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 8,6 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 од 50-59 години, осум смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, а три случаи од возрасната група од 30-39 години.
Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што е намалување од 16,9 проценти во однос на минатата недела. Процентот на позитивни од тестирани случаи на Ковид-19 изнесува 29,3 проценти, што е намалување од 5,5 проценти во однос на минатата недела.
Трендот на стивнување на епидемијата продолжи и вчера. Во претходното деноноќие беа регистрирани 758 нови случаи од направени 2562 тестирања, 26 лица починати, од кои најмладиот 42-годишник од Скопје. Институтот за јавно здравје регистрира 944 оздравени пациенти.
Минатата недела, од 14 до 20 декември, ИЈЗ регистрирал 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 15,1 процент помалку во споредба со минатата недела.
За намалување на притисокот врз болниците говорат и вчерашните податоци за хоспитализирани. На инфективните одделенија низ земјава се лекуваат 1145 пациенти со Ковид-19 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид – центрите. Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 664 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а во главниот град 482 лица.
Најмногу хоспитализирани и натаму има на Клиниката за инфективни болести, каде што лежат 147 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 104 болни, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Во Скопје вчера имаше околу 40 – тина слободни места. Пред пет дена во Скопје имаше само 20-тина слободни кревети.
Стишување на епидемијата со коронавирусот вчера констатира и министерот за здравство Венко Филипче.
– Се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање, што значи дека се намалува и бројот на пациенти. Доказ за тоа е се поголемиот број слободни термини и слободните болнички кревети и намалување на бројот на кревети во болничките установи, нешто што се констатираше во сите болнички установи, поточно во нивните амбуланти посебно во последната недела, рече Филипче.
Тој нагласи дека цело време ги следат сите индикатори, како тестирање, хоспитализации, прегледи во болниците. Сето тоа, како што рече, укажува на тоа дека на некој начин епидемијата стивнува.
Во меѓувреме, Министерството за здравство се обидува да обезбеди вакцина против Ковид-19. Во таа насока, вчера министерот Филипче беше во посета на Бугарија, каде доби ветување за донација, но откако ќе бидат обезбедени за бугарските граѓани. Во овој момент, бугарската Влада не знае кога ќе стигнат првите големи количини.
– Во втората половина на 2021 година ќе може да стигнат и вакцините од „Фајзер“, изјави Филипче.
Вакцината против Ковид-19 ќе дејствува и врз мутацијата на вирусот кој се појави во Велика Британија.
– Многу пати до сега во нашите лаборатории во МАНУ има констатирано мали мутации на вирусот. Мутацијата во Велика Британија е практично мутација во повеќе делови на структурата на вирусот, но тоа нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината, изјави министерот Филипче.
Тој појасни дека според одредени шпекулации, мутација во повеќе делови во структурата на вирусот, повеќе ја зголемува трансмисијата на вирусот, бидејќи посилно се врзува за клетката домаќин.
Сепак, според неговите сознанија, тоа воопшто нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината.
Со цел поголема внимателност, Филипче потсети дека завчера се забранија летовите со Велика Британија.
Додека се чека вакцината, апел од министерот дека во следните две до три недели сите треба да бидеме крајно внимателни.