Македонија 12. април 2020. / 09:36

Најмногу заболени од корона во Скопје, Куманово на второ место

Најмногу заболени од корона во Скопје, Куманово на второ место

Бројот на лица заразени со вирусот Ковид-19 во земјава се зголеми на 760 лица, откако вчера беа регистрирани 49 нови случаи, додека две лица починаа.

Од новозаболените, 13 се во Скопје, 14 во Куманово, шест во Штип, осум во Прилеп, шест во Велес и по еден во Гостивар и во Кочани.

Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје и Куманово, додека највисок леталитет (со исклучок на странскиот државјанин од Кавадарци) се регистрира во Струга и Тетово

Министерството за здравство вчера соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент (73 години) од Прилеп, примен на болнички третман  на 1 април, а во Куманово на Клиниката за хематологија почина новодијагностициран пациент (76 години).

До вчера до 15 часот според објавената статистика – 760 заболени, 41 излечени, 34 смртни случаи и 685 активни случаи на коронавирус.

Досега во земјата се направени 7.653  тестирања на Ковид-19.

Според местото на живеење, досега во Скопје се регистрирани 297 заболени, Куманово – 18, Дебар – 49, Штип-27, Прилеп –58, Тетово – 31 Струга – 33,Велес – 24,Битола –8, Охрид –4, Кавадарци – 3, Гостивар –7, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 20,Пробиштип – 1.

Иако здравствените власти предвидуваат врвот на епидемијата да биде кон крајот на април со околу 2.000 заболени, експерти на МАНУ вчера излегоа со предвидување дека максималниот број инфицирани од коронавирус во земјава се очекува да се случи во почеток на мај со околу 1.100 заразени.

Според нивното истражување, овие резултати се пооптимистички во однос на предвидувањата на здравствените власти дека врвот на епидемијата ќе се случи кон крајот на април со околу 2 000 заразени.

– Сакам да подвлечам дека моделите, иако не се најточни, содржат претпоставки и апроксимации, и градат можни сценарија, сепак, се моќна алатка за разбирање на неизвесното и помагаат при донесување правилни одлуки, вели Коцарев за порталот Факултети.мк.

Тој потенцира дека бројките на заразени и починати добиени со нивниот модел се речиси идентични со актуелните бројки.

Моделите кои се користеле во МАНУ се предложени од Империјал колеџот во Лондон и Универзитетот „Оксфорд“.

– Во првата класа на модели, именувани како Bayesian хиерархиски модели, се користат методи од статистика и машинско учење, додека втората група на модели, познати под името обопштени SIR (Susceptible-Infected-Recovered) модели, се базираат на теоријата на динамички системи… Во моделот се внесени податоци до 8 април 2020 година и за 9 април моделот предвидува вкупно 669 заразени, додека според реалните податоци тој број изнесува 663, пишува Коцарев за Факултети.мк.

Тој напоменува дека сепак ова се прелиминарни резултати и се однесуваат само на еден модел.

– Прелиминарните резултати на овој и другите модели, несомнено, укажуваат дека сме на добар пат во сузбивањето и намалувањето на епидемијата во нашата држава, додава претседателот на МАНУ.