Македонија,Магазин 15. јули 2020. / 12:37

Најгледаното видео „Налеј, налеј“ како повод: Како потписот на Ристо Џунов ја завршил фарсата со Павел Шатев

Најгледаното видео „Налеј, налеј“ како повод: Како потписот на Ристо Џунов ја завршил фарсата со Павел Шатев

Спотот за водечката нумера на серијата Македонија „Налеј, налеј“ за само 24 часа ги запали социјалните мрежи и ги сруши рекордите по гледаност! Резултатите од мерењето на аналитичката платформа „MEDIA TOOLKIT“ објавени вчера во 14 часот, покажуваат дека вкупно 544.201 македонски гледачи го виделе НАЛЕЈ НАЛЕЈ! И сето тоа само на социјалните мрежи, што го направи НАЛЕЈ НАЛЕЈ најгледаното видео на сите времиња во МАКЕДОНИЈА во еден ден!

Бидејќи видеото НАЛЕЈ НАЛЕЈ се појави истовремено на бројни канали како „Facebook“, „Twitter“, „YouTube“ и „Whats App“, податоците рапидно растат од час на час .. така што се очекува во текот на утрешниот ден НАЛЕЈ НАЛЕЈ да има повеќе од 1.000.000 прегледи на социјалните мрежи! Податоците што штотуку пристигнуваат покажуваат огромен интерес на македонската дијаспора во Австралија, Канада и САД за МАКЕДНИЈА, која е љубовна приказна.

Само случајноста или игра на судбината сакаше најгледаното видео во Македонија да биде објавено само два дена пред роденденот на неговиот главен лик, Павел Шатев! Да, денеска, 15 јули, се навршуваат 138 години од раѓањето на последниот жив гемиџија, македонски револуционер, публицист, антифашист и еден од петмината разузнавачи во светот, кој директно го информирал Сталин за точниот ден на нападот над СССР од страна на фашистичка Германија. Неговата телеграма испратена под псевдонимот „Коста“ ќе остане запаметена во аналите на светското разузнавање.

И само за потсетување за Комисијата за одбележување значајни датуми и личности од македонската историја-во јануари наредната година ќе бидат навршени точно 70 години од смртта на Павел Шатев.

„…Идеалот на Македонците е создавање на една татковина, одделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и свој самостоен политички и културен живот…“ – Павел Шатев

Би било илузорно животот и делото на Павел Шатев да се стават во неколку редови. Затоа, по овој повод ќе потсетиме само на крајот на неговата исклучително богата животна врвица.

Членот на АСНОМ, на неговиот Преиздиум и прв министер за правда во федерална Македонија, еден оснивачите на ЗНМ и на Адвокатската комора, Павел Шатев, од страна на комунистичките власти е затворен на 16 јуни 1949 година во Загреб, во неговиот тогашен семеен дом, како „потенцијален непријател“ на новата држава.

Во Записникот бр.15 од седницата на Претседателството на Президиумот на Народното собрание на НРМ од 27 јуни 1949 година, на која биле разгледувани предлозите на јавниот обвинител на НРМ за одземање на имунитетното право, стои дека биле присутни претседателот Богоја Фотев, потпретседателот д/р Борис Спиров и Ирфан Дика и секретарот Ристо Џунов. Без никаква дискусија било донесено следното решение:

„Претседателството на Президиумот, по барање на Јавниот обвинител на НРМ… врз основа на чл.68 од Уставот на НРМ и чл.5 точка 23, во врска со чл.7 од Законот за Президиум на Народното собрание на НРМ реши:

Се одзема имунитетното право на народните пратеници Павел Шатев, избран во 1 изборна единица на Кратовска околија, на Мире Анастасов, избран во 2 изборна единица на Кратовска околија, Кацедај Димир Муртезан, избран во 2 изборна единица на Тетовска околија и на Киро Петрушев, избран во 2 изборна единица на Гевгелиска околија, за да може против истите да се поведе кривична постапка и лишат од слобода“.

Записникот е во оригинал (во ракопис) и нема потпис од претседателот Богоја Фотев, иако на него има место за негов потпис, што значи дека тој или не присуствувал на овој исконструиран чин или не се согласил со содржината на записникот. Нема потписи ниту од двајцата споменати потпретседатели. Има потпис само од секретарот Ристо Џунов, кој и го оформил и го потпишал записникот. Од тоа се гледа дека целата процедура била нерегуларна, иако се цитираат повеќе членови од законски акт и од Уставот на НРМ.

Дека записникот бил само фарса се гледа по тоа што Павел Шатев веќе бил затворен 11 дена пред да се оформи овој записник во канцеларијата на секретарот Ристо Џунов.

Шатев минал 11 месеци во истражниот затвор во Скопје, а потоа бил испратен во домашен притвор во Битола. Без дозвола за лекување, починал на 29/30 јануари 1951 година. Тогашните комунистички власти одбиле да ја исполнат е неговата желба да биде погребан во родното Кратово. Погребан е на гробиштата „Св. Недела“ во Битола.

Емотивната изведба на „Налеј, налеј“ не случајно ги разбуди позитивните емоции кај граѓаните на Македонија и не случајно ја споделуваат песната со емотивни пораки во неа.