Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји најави дека преговарачките рамки за Македонија и Албанија треба да бидат објавени „во наредните денови“, а вицепремиерот Бујар Османи, изјави дека очекува тоа да се случи на „9 или 10 јуни“.
Преговарачката рамка на ЕУ, како нацрт верзија, ќе биде објавена на 9 или 10 јуни, заедно со краток извештај за напредокот во реформите – изјави Османи, кој при тоа потенцира дека постигнувањето на консензус за датумот на изборите нема да влијае на преговарачката рамка.
Османи нагласува дека откако Европската комисија ќе ја објави нацрт верзијата на преговарачката рамка, земјите членки треба да ги изнесат своите национални позиции и на крајот да дојдат до консензус.
Очекувам и се надевам дека овој предлог ќе биде неутрален, по однос на позициите на различните земји членки, и повеќе ќе се заснова на принципите на функционирање на ЕУ. Очекувам дека откако ќе се објави, секоја земја, вклучувајќи ја и Бугарија, ќе се обиде да ја наметне својата национална позиција. Но, се координираме, ние си ги утврдивме нашите државни позиции за тоа што би сакале и која е најдобрата верзија. Како држава кандидат не сме во позиција да влијаеме на преговарачката рамка, но ќе лобираме и ќе работиме – истакна вицепремиерот Османи.
Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски вели дека не очекува Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на земјава со ЕУ. Според него, неспорноста на македонскиот идентитет, нашето приближување кон ЕУ, добрососедските односи со Бугарија се комплементарни, а јасна е и позицијата на МНР и на Владата.
Не сакам да коментирам со која намена се тие изјави, меѓутоа не очекувам да има блокирање. Напротив, тој оптимизам го црпам врз основа на тоа што го видов јас и што го видовме сите заедно што се случуваше кога се боревме за НАТО, особено за добивање одлука да се отворат преговорите со нашата земја. Нашите соседи кои до вчера не блокираа станаа најгласните адвокати, заговорници, поддржувачи на нашите евроатлантски аспирации, така што, не мислам дека ќе дојде до блокирање – изјави Жерновски.
Објавувањето на овие рамки сега остава простор прашањето да се додаде на дневниот ред на министрите за европски прашања на ЕУ уште овој месец, но за сега ова не е потврдено.
Првата Меѓувладина конференција (МВК) со Македонија и Албанија, пак, официјален Берлин очекува да се случи за време на нивното претседавање со ЕУ кое го преземаат на 1 јули од Загреб.