Грчкиот весник „Ефимерида” пишува дека потпишувањето на договорот за името меѓу Македонија и Грција ќе се случи на 16 јуни, сабота, во Преспа. Според весникот, на овој настан покани биле испратени и до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, до медијаторот Метју Нимиц и до Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан.
Предвидено е договорот да го потпишат шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во Преспа ќе допатуваат и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Во зависност од тоа како ќе помине средбата на Ципрас со лидерите на политичките партии во Грција и неговото обраќање во парламентот, можно е потпишувањето да биде одложено за в недела, 17 јуни.