За 4-ти ноември е закажана седница на која конечно ќе се оценува обвинителниот акт за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година, кој беше поднесен уште пред пет месеци.
По одржување на седницата и донесена одлука на советот странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.
Како што претходно судот неколку пати информираше, во однос на конкретниот обвинителен акт, беа закажани неколку седници за оценка на кои одбраната, иако претходно го знаеше составот на советот и закажаните термини за седница, непосредно пред седниците бараше изземање на судиите бидејќи истите судии претходно постапувале во оценка на други обвинителни акти поврзани со конкрентиот кривично – правен настан. За овие барања се утврди дека се основани и истите беа уважени. Со оглед да со овие барања беа изземени 8 од 9 – те судии во Одделението за организиран криминал и корупција, а со цел да се спречат сите понатамошни одолговлекувања на постапката, предизвикани од странките во постапката, актот согласно АКМИС системот беше распределен на оценка кај совет од судии од одделот Кривично – полнолетни и за истото беше известен Судскиот совет на РСМ, информираат од Кривичниот суд.
Јавното обвнителство за организиран криминал покрена обвинение за поранешените министри Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, екс собранискиот спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, како организатори за насилствата на 27 ми април. Постапката за бегалците Никола Груевски и заменикот началник во петата управа Никола Бошковски ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.