Македонија 12. април 2020. / 10:26

МЗ контра пациентите со ретки болести: Обезбедена и предадена терапијата за три месеци

МЗ контра пациентите со ретки болести: Обезбедена и предадена терапијата за три месеци

На лицата кои се заведени во електронскиот регистар за ретки болести им се обезбедени и предадени таблетарните лекарства за месеците април, мај и јуни, информира Министерството за здравство.

За оваа група на пациенти се обезбедени со неопходната терапија за периодот којшто следува. За оние пациенти кои примаат ампуларна терапија е обезбеден сигурен и изолиран пристап до соодветните клиники. Со ова, пациентите се заштитени од посета на клиниките и можен ризик од зараза со Ковид-19 во периодот кој следува, се наведува во соопштението.

Информациите од МЗ следуваат откако вчера семејствата на околу 100 пациенти пробуваат на секој начин да се снајдат за да ги обезбедат лековите, а најранливи се децата, апелираа вчера од Здружението на лица со ретки болести. Апелите кои траат подолго време немаат ефект кај надлежните, тврди Алексовска.

Министерството потенцира дека воедно со почетокот на коронавирусот во земјава, направена е дистрибуција до сите јавно-здравствени установи кои лекуваат пациенти со ретки болести и во моментов нема недостаток од ниту еден лек, а пациентите имаат подигнато терапија за два до три месеци.

Според Министерството, за најголемиот дел од лековите во клиниките има лекови до јуни 2020 година.

– Заклучно со март 2020 година, во Регистарот се регистрирани 530 лица со ретка болест. Од нив над 150 лица се со цистична фиброза за кои се обезбедува терапија преку Фондот за здравствено осигурување. Во однос на бројот на пациенти кои се на терапија во 2015 со програмата биле опфатени околу 96 пациенти, во 2018 околу 140 пациенти, во 2019 околу 170 пациенти, а во 2020 со програмата ќе бидат опфатени над 185 пациенти плус 150 со Цистична фиброза, се додава во соопштението.

Министерството информира и дека преку Програмата за лекување на ретки болести во 2020 година ќе бидат набавени вкупно 35 лекови за пациентите со ретки болести, од кои три нови за идиопатска пулмонална хипертензија како трет избор на лек за оваа болест, за хередитарен ангиоедем како трет избор на лек за оваа болест, и еден нов лек за терапија на Гоше, со што за оваа болест веќе ќе има избор од четири лека.