И покрај договорот постигнат по три одржани состаноци да нема групирање за Вевчанскиот карневал, поголема група се собра во Вевчани и не ги почитуваше мерките, затоа интервениравме, велат од МВР откако денеска полицијата се обиде да го спречи одржувањето на Карневалот.
„Полициски службеници денеска интервенираа во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија, додаваат од МВР.
Оттаму велат дека и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата.
По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани“, велат од МВР.
Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски претходно изјави дека Општината се откажала од организацијата и нема никаква одговорност врз самата ситуација која излезе од контрола.
„Во делот на организација ги откажавме сите активности како организатори, но ова во Вевчани тешко дека некој може да го спречи. И Горномалското и Долномаското маало има индивидуални маски, но немаме никакви ингеренции доколку дојде до немил настан бидејќи не сме организатори на овој дел од манифестацијата“, вели Јанкоски.