Македонија 11. август 2019. / 09:42

Муслиманите го слават Курбам Бајрам

Муслиманите го слават Курбам Бајрам

Муслиманите денеска го слават Курбан Бајрам.

Во името на поглаварот на Исламската верска заедница, годинешната честитка по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, до сите верници ја упати деканот на Факултетот за исламски науки, професор доктор Шабан ефенди Сулајмани. Во честитката се вели дека овој празник е израз на љубовта и почитувањето меѓу верниците, чувства што во моментов ги делат со милиони луѓе и аџиите од Македонија кои што се наоѓаат на аџилак. Се вели дека ова е празник кој не потсетува сите дека треба да им се помага на другите. Упатен е и апел до политичарите да подразмислат сериозно и да се позанимаваат сериозно во врска со проблемите со кои секојдневно се соочуваат сите граѓани на оваа земја, а тоа е сиромаштијата, економската состојба, криминалот и корупцијата.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.