Остануваат само уште седум дена од официјалниот почеток на учебната година, но надлежните молчат и не кажуваат дали таа воопшто ќе почне на 1 септември или ќе биде одложена.
Во училиштата сè уште не пристигнало ниту некакво решение од Министерството за образование како да се спроведува и наставниот процес. И покрај тоа, некои училишта се спремаат за прием на ученици.
За да реализираат настава со физичко присуство општините мора да достават барање до Министерството за образование, додека Министерството заедно со специјална работна група со членови од Комисијата за заразни болести ќе ги разгледаат барањата и во зависност од епидемиолошката состојба, ќе донесат одлука. Пред неколку дена Владата соопшти дека наставата ќе се одвива главно преку интернет, со два исклучоци. Децата од прво до трето одделение ќе одат на училиште, додека останатите од основното и средното образование ќе следат интернет-настава. Родителите на учениците до трето одделение исто така ќе добијат можност да изберат дали нивните деца да одат на училиште или и тие да следат часови он-лајн.