Скопското обвинителство вчера се прослави. По стапките на некогашниот „ангел“, сега претворен во обичен „демон“, Фатиме Фетаи“ (ова според насловот на Ден Браун), отвори предмет под кодно име „Моќник“ во кој, според обвинението, на обвинителната клупа треба да се најдат 13 лица. Меѓу нив, секако, како најзвучни се издвојуваат актуелниот пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, поранешниот претседател на некогашната Комисија за лустрација Томе Аџиев и исто така поранешниот член на истата комисија, а сега актуелен член на Државната изборна комисија Јанаќе Витановски.
Предметот, всушност, и според самиот назив, е две во едно. Од една страна, треба да претставува борба против политичките моќници, кои ја злоупотребуваат политичката моќ за криминални цели и лично богатење и, нели, не смеат да останат недопирливи пред правдата. А, од друга, чиста политичка пресметка со одамна завршениот процес на лустрација. И обвинението треба да покаже и докаже дека тој се одвивал според политичка нарачка од тогашната владејачка партија.
Инаку, целиот случај, според датумите, е стар девет години. Но, правото и правдата не познаваат старост и застареност. Или, како за кого?!
Според обвинението, во предметот „Моќник“, Република Македонија и Општина Пласница биле оштетени за износ во висина помала од 45.000 евра. А, државниот и општинскиот имот се „светост“ и мора да се чуваат. Само досега да беше така, и тоа на сите нивоа, којзнае кај ќе ни беше крајот.
Токму висината на штетата ги покажува двојните стандарди, двата света на обвинителите од некогашното СЈО, кои како „свети крави“ требаше да бидат симбол на борбата против криминалот и корупцијата во врвовите на власта.
И сега неколку споредби. На пример, направената штета од 45.000 евра е помала од 50.000 евра. А, за земени 50.000 евра поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева е првостепено осудена на седум години затвор. И тоа, веројатно, не толку заради парите, колку поради уништените очекувања за вистинска борба против криминалот и корупцијата.
Катица Јанева на сите поранешни специјални обвинители како додаток на основната плата, за работа со прислушуваните материјали, им поделила енормно високи суми во илјадници евра. И сите беа предмет на предистражна постапка од Одделението за борба против организираниот криминал и корупција, чиј епилог се уште не е познат, барем јавно.
Обвинителката Фатиме Фетаи по овој основ земала 87.000 евра. Значи, безмалку двојно повеќе отколку што претрпеле материјална штета Република Македонија и Општина Пласница. И тие пари не беа приватни, туку државни, што ќе рече буџетски, собрани од граѓаните и сите даночни обврзници на истата држава Република Македонија.
Антикорупциската комисија против сите поранешни специјални обвинители, со исклучок на еден, а тоа не е Фатиме Фетаи, поднесе прекршочни пријави за непријавување на промени во имотната состојба, произлезени од „бакшишите“ на Катица Јанева. И сите до еден првите не ги платија, а непознато е дали тоа го сториле со вторите.
Но, тоа што е најважно, сите поранешни специјални обвинители, што значи и Фатиме Фетаи, го прекршиле основниот Закон за борба против корупцијата и судир на интереси. И сега со кое етичко и морално право истата таа ќе именува некого како „моќник“ и ќе го обвинува? И во што е разликата меѓу Фатиме Фетаи и Антонио Милошоски или било кој друг од обвинетите во предметот „Моќник“?
Ќе има разлика кога Фатиме Фетаи ќе ги врати државните пари, што нејзината шефица Катица Јанева и ги дала како „бакшиш“. Зашто, вака излегува дека не се борела за правда и против корупција и криминал за плата, туку била обичен политички платеник!
Во предметот „Рекет“ во судницата можеа да се слушнат многу интересни детали за начинот на работа на поранешните специјални обвинители. Така, на пример, поранешниот пратеник од СДСМ и директор на МЕПСО, Сашо Василевски, од еден од осмничените во предмет на СЈО, успеал да купи стан од над 100 квадратни метри за сума од околу 80.000 евра. Образложението на специјалниот обвинител беше дека станот не го ставил во стечајната маса оти проценил оти не станува збор за голема сума!
Значи, за поранешните специјални обвинители сума од 80.000 евра, што е речиси двојно повеќе од нанесената штета на Република Македонија и Општина Пласница во предметот „Моќник“ не е голем износ. Што значи и дека штетата во „Моќник“ е мала, што би се рекло незначителна. Па, зошто тогаш се покренува обвинение против Антонио Милошоски и цела компанија, а не се покренува обвинение за злоупотреба на службената должност и овластувањата против специјалните обвинители, кои овозможиле некој да дојде до стан далеку поевтин од реалната пазарна вредност? Или тие се „свети крави“ и од Бога дадени!?
Е, додека е така, „Моќник“ нема да биде ништо друго освен политичка пресметка со политичките неистомисленици на власта, а за функционирањето на обвинителскиот систем па и да не говориме.