Уште не влезена во министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија, назначена за министер во Влада, бев мета на антисемитистички напади, без да се бираат средства, ниту начини, порача во воведниот говор во собраниската сала министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
Таа рече дека наместо да ја критикуваат нејзината работа, била критикувана нејзината верска и национална припадност.
– Не можам да разберам кога некој ве критикува по верска и национална припадност. Последен кој тоа го правеше беше Геблс, порача Мизрахи од собраниската говорница.
Нападите ги осудија и претставниците на ОБСЕ во Макеоднија, но и покрај тоа, рече Мизрахи, со секој нејзин следен јавен настап нападите се засилувале, посебно кога со факти и докази ја информирала македонската јавност дека системот во МТСП е нефункционален, а министерството за труд и социјална политика е блокирано од илјадници нерешени предмети како и ужасна кадровска политика.
– Немајќи за што друго, во очаен обид на луѓето од партијата на власт и нивните гласноговорници да ја прикријат вистинската слика за тоа што се случува во државата и министерството и погубните политики на СДСМ, наместо да се фатат за својата работа понудија евтината претстава наречена табла во Министерството, рече Мизрахи.
На крајот од својот говор порача да не ја прашуваат нејзе, туку поранешната министерка во МТСП, Мила Царовска каде е новата табла.
Јас сум Рашела Мизрахи, горда Еврејка од Македонија, рече Мизрахи.