Македонија 30. декември 2020. / 14:51

Мизрахи покажа фотографии од убиени роднини, Заев вели дека и тој може да биде квази патриот

Мизрахи покажа фотографии од убиени роднини, Заев вели дека и тој може да биде квази патриот

Зборувајќи за спорот со Бугарија, на денешната собраниска седница со пратенички прашања, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи покажа фотографии од нејзини роднини кои вели биле однесени во логори од страна на бугарскиот фашистички окупатор и биле убиени.

– На оваа фотографија е целото мое потесно семејство, кое беше товарено во воз за Треблинка од бугарскиот фашистички окупатор. Преживеа само мојот дедо, чии наследник сум јас. Дали стоите на ставот дека Бугарија не била фашистички окупатор, оти мојата фамилија не е убиена со пенкало, рече Мизрахи.

Премиерот Зоран Заев рече дека никогаш не кажал дека Бугарија била администратор, туку дека администрацијата или тогашната власт се прикучила на Третиот Рајх. Тој рече дека целта на Мизрахи и нејзиниот настап во Собранието е исполнување на политички интереси.

– Преку вашите зборови исполнувате личен интерес. Целта ви е со овие фотографии да го исполните вашиот политички интерес да дојдете на власт и да имате моќ. Немате злоба во тоа затоа што сте семејство кое патело за време на фашизмот, како што пателе многу други како и моето семесјтво. Никогаш не сум кажал дека Бугарија била администратор, администрацијата или тогашната власт се прикучила на Третиот Рајх. Секако дека фашисти ги убиле тие луѓе, но ги убил фашист, а не може да зборувате за цела Бугарија, Германија, Италија. Не може цела држва да ја наречете фашистичка. Истите договори кои сме ги постигнале ги постигнале Полска и Германија и во самите договори е потврдено дека минатото нема да го заборавиме, но ќе се посветиме на иднината. Можам да бидат 10 пати по квази патриот од вас и да бидам со избрани зборови и однапред подготвени дускусии, но мојот народ така ќе остане во балканското сивило. Затоа зборувам со зборови за пријателство, како ќе зборуваме и однесуваме не значи дека ќе се откажеме од минатото. Нашето минатото е и избор за нашата иднина. Како ќе се поставиме зависи од нас, рече Заев.

Заев рече дека не може да се нарекува фашистичка цела држава или народ, бидејќи тогаш вели, никој не го прашал бугарскиот народ да се изјасни на референдум. На ова, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дофрлија дека ниту македонскиот народ не бил прашан за став за промена на државното име, на што Заев реплицираше дека имаше референдум.

– Кротко, пополека, нема потреба од нервоза, им рече Заев на пратениците кои негодуваа додека тој одговараше на прашањето.

Мизрахи рече дека не е задоволна од одговорите на премиерот.

– Зборувате за нашите лични интереси, заборавате кои се вашите лични интереси во ова?, рече таа, но немаше дополнителни прашања.

Во тек е пауза во Собранието, по што ќе продолжат пратеничките прашања.