Македонија 11. април 2018. / 17:21

Министерството за одбрана демантира дека ќе бидат испратени војници во Сирија

Министерството за одбрана демантира дека ќе бидат испратени војници во Сирија

Министерството за одбрана најостро ги демантира, како што се наведува во соопштението, измислиците на партијата Единствена Македонија дека министерката Радмила Шекеринска имала средба со американскиот амбасадор Џес Бејли на која наводно изразила подготвеност да бидат префрлени 44 припадници на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ од Авганистан во Сирија.

„Освен што овие наводи, кои можеме да ги наречеме само чисти измислици, немаат допирна точка со реалноста, тие се и непримерен обид на една маргинална политичка партија и нејзиниот водач за предизвикување на вознемиреност кај јавноста и разнишување на довербата во институциите на државата“, се вели во демантот.

Министерството за одбрана, велат од таму, е целосно транспарентно по прашањето за учеството на АРМ во сите мировни мисии (на ООН, ЕУ и НАТО), а така ќе продолжи и во иднина, токму за да се пресретнат обидите на некои кругови како што е денешниот за дискредитација на соработката на АРМ со Алијансата.

„Потсетуваме и дека сите одлуки во врска со учеството на АРМ во вакви мисии се носат од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија. Информациите за тоа во кои мисии учествува Армијата на Република Македонија се јавно достапни и отворени за сите граѓани на нашата држава“, велат од Министерството.