Министерството за култура најостро реагира на соопштението на Агенцијата за филм на Македонија, дистрибуирано до медиумите на 27.7.2020 година, од страна на нивната ПР агенција „Навигаторс“.
-Со цел објективно информирање на јавноста, потенцираме дека во наведеното соопштение Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Воедно со соопштението јавноста е донесена во заблуда бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура, се вели во реакцијата на Министерството за култура.
Агенцијата за филм вчера соопшти дека Државниот управен инспекторат ќе и поднесе предлог на Државната комисија за спречување на коруцијата да ја стопира истрагата поведена против директорот Горјан Тозија и Агенцијата за филм.
-Министерството за култура, односно Секторот за управен и инспекциски надзор не е орган кој наложува запирање на истрага која е предмет на работата на друг надлежен орган – Државната комисија за спречување на корупцијата. Информираме дека Секторот за управен и инспекциски надзор, Записникот од извршен вонреден инспекциски надзор со наод на утврдената фактичка состојба во Агенцијата за филм го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата на натамошно постапување согласно нивните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се вели во реакцијата на Министерството за култура испратена денеска до медиумите.