Македонија 01. март 2020. / 15:56

Министерство за здравство: ВМРО-ДПМНЕ со неточни, несериозни и лажни информации собира дневно-политички поени

Министерство за здравство: ВМРО-ДПМНЕ со неточни, несериозни и лажни информации собира дневно-политички поени

По прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на која објави нофа афера со земјиште на Водно, во која наводно се вмешани министерот за здравство, Венко Филипче и бизнисмени блиски до него, со реакција се огласија од Министерството за здравство. Од таму велат дека Стоилковски изнел низа лаги, клевети и неточни информации за министерот Филипче.

Од министерството посочуваат делови од излагањето на Стоилковски за коишто сметаат дека треба да се извини.

„Прво, родителите на сопругата на министерот Филипче не располагаат со земјиште од 13 илјади квадратни метри, туку со околу 5000 квадратни метри, од кои најголемиот дел се земјоделство земјиште. Семејството гради само семејна куќа, на плац од 600 квадрати. Земјиштето е купено во 2015 година кога Венко Филипче не беше на функција министер за здравство.

Второ, компанијата која наводно се поврзува со министерот Филипче апсолутно не е на ниеден начин поврзана со него, ниту пак тој доделувал тендери за истата во висина од 7 милиони евра како што обвинува Стоилковски.

Трето, фирмата „Синерџи“ во Министерството за здравство има аплицирано на само една јавна набавка, којашто е во висина од 35 милиони денари, добиена во регуларна тендерска процедура.

Четврто и најсмешно, сопругата на министерот воопшто не се вика Маја како што наведува Стоилковски, што уште еднаш се докажа какви неточни, несериозни и лажни информации пласира Стоилкоски за дневно политички поени“ – наведуваат од Министерството за здарвство.

Во реакцијата се посочува дека прес-конференцијата на Стоилковски, со лажни обвинувања се должела на успешната работа на министерот и желбата на ВМРО-ДПМНЕ да ја дискредитира неговата работа по секоја цена. Истовремено, од министерството велат дека е уште постаршно што во период кога министерот и медицинскиот персонал се посветени на справување со корона вирусот, Стоилковски и ВМРО-ДПМНЕ да се обидуваат преку лаги да ја дефокусираат јавноста.