Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, рече дека граѓаните имаат можност да изберат дали сакаат евроатлантска иднина на земјата или да останат изолирани во минатото. По средбата со својот македонски колега, Никола Димитров, тој истакна дека ако граѓаните се решени за иднината, тогаш треба силно да го поддржат референдумот.
„Тоа не се однесува само на името, мислам дека станува збор за идентитетот на државата и народот. И понекогаш за да се најде решение патот е долг, но резултатот е сега на маса. Ако бев граѓанин на Македонија, би рекол „Да“ на договорот, дури и како државјанин на Луксембург“, рече Жан Аселборн, Министер за надворешни работи на Луксембург.
Димитров изрази благодарност за поддршката на Луксембург за отворање на преговорите за членство во Европската Унија.
Димитров и Аселборн потпишаа договор за класифицирани информации. За време на неговиот престој во Скопје, Аселборн се сретна и со вицепремиерот Бујар Османи, кој го увери дека паралелно со напорите за спроведување на договорот за името, земјата исто така работи и на итните приоритетни реформи, со цел влез во НАТО и почнување на преговорите за членство во ЕУ.