Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антониот Милошоски, смета дека застарувањата на случаите на СЈО не се случајни и дека за тоа имало таен и премолчен договор меѓу високи луѓе од власта и блиски луѓе до поранешниот пемриер, Никола Груевски.
Милошоски, кој вечерва гостуваше на „Само вистина“, даде свое мислење зошто дошло до застарување на „Траекторија“, а наскоро најверојатно и на „Насилство во Центар“.
– Можно е да постои таен заднински договор меѓу одредени влијателни актери во државата, меѓу кои е и првиот човек на Владата Зоран Заев, но и оние коишто порано биле на таа позиција, некој премолчен договор да не се стигне до целосната вистина во одредени случаи. Инаку како поинаку би го разбрале сведочењето на господинот Верушевски којшто беше и се уште е прв соработник на Заев и беше човекот којшто ги имаше на располагање тие прислушкувани материјали, кога на едно од последните рочишта кажа дека голем дел од тие материјали биле компромитирани. Се гледа дека таа изјава била дадена наменски за да му помогне некому, кому ќе му помогне, ќе видиме – изјави Милошоски.
Како показател за веројатноста на неговата теза Милошоски ги посочи случувањата околу бегството на поранешниот премиер Груевски.
– Една година јавноста се уште е во исчекување да види каде е извештајот од министерството за внатрешни работи и од јавното обвинителство за тоа како се случи поранешниот премиер да биде недостапен и да не биде веќе присутен во земјата. Откако се случи тој настан, што предизвика голема бура и турбуленции, пред се критични кон самата власт, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавното обвинителство кажаа дека работат на случајот и дека во најскоро можно време ќе излезат со извештај за тоа што се случило, но такво нешто се уште нема – истакна Милошоски.
Според него, при организацијата на бегството на Груевски имало таен, односно премолчен договор што му претходел на самото бегство.
– Јас гледам дека ниту директорот ниту обвинителството не се казнети. Моето мислење е дека постои премолчен договр помеѓу премиерот Заев и најблиските соработници на поранешниот премиер Груевски. Мислам дека јавноста сам ќе процени и од случувањата што досега смеги посведочиле или оние што веројатно ќе следуваат во наредниот период, ќе се види кој има полза од тоа – посочи Милошоски.
Анализирајќи го можниот таен договор, Милошоски потсети на тврдењата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој пред нецела година тврдеше дека братот на премиерот Заев, Вице, и е во многу добра соработка и комуникација со братучедот на поранешниот премиер.
– Не се само така паушални тврдењата што ги изнесе потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пред неколку месеци дека има сознанија оти братот на Премиерот, Вице Заев, е во многу добра комуникација и соработка со братучедот на поранешниот премиер и дека тоа се случува на очиглед на дел од јавноста – вели Милошоски.