Eкономскиот развој, стабилноста, владеењето на правото и одливот на младите се главните проблеми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан, рече министерот Горан Милевски на Мармара урбан форум во Истанбул, Турција.
– Министерството ја поддржува иницијативата во Берлинскиот процес да бидат вклучени и единиците на локална самоуправа и нивните асоцијации. Наш предлог е работните средби на општините да станат интегрален дел на Берлинскиот процес и да се одржуваат постојано, како и да се организираат Форуми на локалната самоуправа на кои ќе дебатираат претставниците на општините и асоцијациите на локалната самоуправа – се вели во соопштението од Министерството за локална самоуправа.
Милевски на форумот истакнал дека преку вмрежувањето на министерствата за локална самоуправа и регионален развој од регионот ќе се овозможи зголемување на соработката меѓу државите во насока на решавање на заедничките проблематики на земјите од Западен Балкан.
– Соработката преку поддршка на ИПА програмите е задоволителна, но таа мора да се прошири во повеќе области – истакнал Милевски.
Република Северна Македонија е копретседател со Берлинскиот процес и таа позиција, како што се наведува, треба да се искористи за наметнување теми и иницијативи кои ќе бидат од интерес на сите граѓани.
Министерот Милевски го поздравил и намалувањето на цените на роамингот до негово целосно укинување меѓу земјите од Западен Балкан.
– Процесот за укинување на роамингот меѓу земјите кои не се членки треба да продолжи со опфаќање и на земјите кои веќе се во ЕУ. Рушењето на ценовните бариери за комуникација меѓу граѓаните и бизнисот треба да биде почеток на надминување на сите препреки кои стојат на патот на соработката помеѓу нашите земји – нагласил Милевски.
Минситерот Милевски на покана на Мармара урбан форумот во Истанбул насловен „Градовите развиваат решенија“ престојува заедно со претседателите на Советот на општините Липково и Центар, градоначалникот на Велес Аце Коцевски и пратеникот Енес Ибрахим.
На Форумот учествуваат претставници на локалната самоуправа од општините во Турција, како и од општини од 25 други држави.