„Никој не е недопирлив“. Ова е пораката која ја испрати судијката Џенета Бегтовиќ за скандалот со нелегалното прислушување.
Некогаш најмоќниот човек во државата, Сашо Мијалков заврши во притвор во Шутка. Екс директорот на тајната полиција по многу шпекулации и калкулации во јавноста, посебно по неговото бегство, доби вкупна затворска казна од 12 години.
Сашо Мијалков формирал злосторничко здружување, ја злоупотребил службената положба и примил награда зашто противзаконски влијаел да се прислушува цела држава, гласеше пресудата.
Вкупно 55 години затвор во „Таргет-Тврдина“
Највисоки казни од по 15 години, судот изрече за екс началниците од УБК, Грујевски и Бошковски кои се во бегство во Грција. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ќе мора да одлежи четири години затвор. Тони Јакимовски, бившиот шеф на кабинетот на Мијалков, доби шест години затвор. Три години затвор доби ексначалничката Надица Николиќ. Обвинетите Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Силвана Златкова поминаа со условна затворска казна од по две години.
Обвинетите кои биле високи функционери на власта, покажале став дека функционерите се над законот, беше една од пораките кои на крајот на судењето ги прочита судијката Џенета Бегтовиќ упатени до осудените, до актуелните функционери, но и до граѓаните.
– Кога таков функционер со такви овластувања го прекршува законот, тоа ги урива темелите на правната држава. Тие целосно ја уништиле довербата на јавноста во институциите и власта, создавајќи слика за себе како недопирливи. Граѓаните кои биле предмет на прислушување се обесправени и изгубија секаква доверба во функционирање на иснтитуциите. Со самата судска завршница на овој предмет судот потврдува дека актерите се казнети за се она што го направиле. Нема недопирливи. Сите граѓани во оваа држава се еднакви пред законот, рече судијката Бегтовиќ.
Мијалков прво во Шутка, па 12 години во Идризово
Наредните 60 дена Мијалков ќе ги мине во притвор во Истражниот затвор Шутка. Судијката Џенета Бегтовиќ соопштувајќи ја одлуката, повикувајќи се на Законот за кривична постапка (ЗКП) соопшти дека притворот на Мијалков може да трае најмногу 60 дена со оглед дека во неговиот случај станува збор за обвинителен предлог.
Истото во изјава за медиумите го потврди и обвинителката Ленче Ристоска – станува збор за обвинителен предлог.
– Согласно кривичните дела кои му се ставаат на товар и тоа што можеше да биде исполнето како битие на кривичните дела, согласно законот се води скратена постапка односно по обвинителен предлог каде роковите за притвор се навистина кратки и заради тоа по објавата на пресудата максималната должина на притворот е до 60 дена, изјави Ристоска.
Пресудите се првостепени. Одбраната и обвинителството имаат право на жалба до Апелацониот суд. Судот пак има рок од 60 дена да се произнесе за жалбите. Доколку ја потврди затворската казна, Мијалков може да не излегува од притвор туку да продолжи со извршување на казната.
Дополнително, на поранешниот директор на УБК му се суди и во „Тортура“, „Титаник 2“ и „Трезор“, а осомничен е во предметите „Плацовите на Водно“ и „Империја“ за кои, доколку опстојува опасноста од негово бегство, притвор би можело да се побара и во некои од овие предмети.
Реакции по пресудата за Мијалков
СДСМ оценува дека судската одлука за случајот „Таргет-Тврдина“ докажува дека правдата работи во земјава. Од партијата соопштија дека со изрекувањето на пресудата за Сашо Мијалков, правдата достигна кај 20 илјади граѓани кои беа жртви на незаконско прислушување.
– Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир, пишува Заев на фесбук.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека го поздравуваат секој чин кој значи спроведување на правда, вклучително и оваа пресуда. Од партијата велат дека лошо е што поради криминалите на Мијалков во затвор заглавуваат и луѓе кои се колатерална штета. Се сомневаат дека со одлуката околу која, како што велат, власта крева еуфорија е со цел да се прикриат задколисните договори помеѓу Заев и Мијалков. Сметаат дека пресудата е донесена под жесток притисок на јавноста, опозицијата и меѓународниот фактор.
– Тоа е и причината поради која навидум пропадна првата фаза од договорот Заев – Мијалков со кој удрија шамар на правдата, иако постојат индиции дека можно е апелациониот суд да одлучи и поинаку каде Заев е познато дека има силно влијание. Таа жалбена постапка ќе трае околу една ипол година. Затоа оваа одлука околу која власта крева еуфорија е со цел да ги прикрие задколисните договори, чесно е да се каже дека таа не е правосилна се уште, изјави на прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива оценува дека казната за Мијалков и неговите соработници треба да биде максимална.
– Се сомневаме дека дури и за овие олеснителни околности што се случиле и можат да се појават, се сомневаме во неговата блискост со власта и судовите. Што значи, не е тоа што го очекувавме врз основа на предметите за кои е обвинет. Разбирливо е дека така и второстепените судови ќе ја дадат својата одлука. Тие ќе прифатат какви било жалби или не се согласуваат со оваа одлука. Сето ова падна под сенката на спектаклот пред неколку дена каде видовме дека немаме систем на правда и закон, соопштија од коалицијата.