Мора да бидеме свесни за реалноста и за проблемите кои го разјадуваат нашето општество. Замижувањето пред неправдите и безаконието нема да помогне ниту да го одложи доаѓањето на решенијата. Молчењето ќе донесе уште поголема неправда и безаконие. Македонија тешко боледува од криминален и коруптивен канцер кој е распространет до најситните пори. И тоа не е единствениот проблем. Власта веќе одамна ги загуби критериумите за нормалното и сега се наоѓаме во состојба на постојани напади на декаденција и изветопереност, истакна вчера на 18-тата годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски таа метастаза на новата тешка општествена реалност се нарекува Заевизам кој прераснува во дијагноза на мачното и тешко време за македонскиот граѓанин чија карактеристика е постојаното губење, било да е слободата, идентитетот или името.
Мицкоски нагласува дека се работи за почита, достоинството, сигурноста, работата, најмилите кои копнеат да отидат надвор од државата час поскоро.
–Таквиот заевизам прераснува во една еднолична ментална матрица на луѓето од власта, кои продуцираат страв, секојдневни лаги. Нормално стана да исчезнуваат луѓе катадневно, да има престрелки, животот да е на коцка и зависен од милоста на оние кои сакаат да управуваат со нашите судбини. Да имаме криминал, наместени тендери, предавства, безаконие и неказнивост, тепања, прогон, безпарица и задолжувања, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.