Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека во денешните телефонски консултации со премиерот Оливер Спасовски и лидерите на другите партии било договорено заклучно со 22 март да бидат замрзнати сите активности поврзани со парламентарните избори на 12 април. За тоа дали ќе се одложат изборите, Мицкоски кажа дека, било договорено да се следи ситуацијата и да се носат заклучоци.
– Се разбира дека во овој момент тоа не е прв приоритет. Прв приоритет е како да се заштитат граѓаните, како да се зголеми превенцијата од ширење на корона вирусот помеѓу граѓаните, да не се зголемува паниката меѓу населението, истовремено одржлива економска состојба да остане макроекономски план, а дури потоа можеме да зборуваме како трет или четврт приоритет за предвремени парламентарни избори – изјави Мицкоски.
Во телефонските разговори, според него, било посочено дека ако има потреба лидерите ќе се состанат на лидерска среда и порано пред 22 март и ќе донесат заклучок како би функционирале во иднина.
Мицкоски изрази надеж дека ќе се надминат партиските бои и интереси и дека ова е борба на сите нас против корона вирусот.
– Ова не е борба на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и ова не е момент кога треба да разговараме за партиски интереси. Ова е национална борба против она што денеска се случува и е реалност во нашата држава така што и јас ве повикувам и ги повикувам сите во државата кои што чувствуваат потреба, кои што се загрижени, кои што имаат каква било идеја или предлог, доколку не ги слушаат во Владата, да дојдат во ВМРО-ДПМНЕ да го сторат тоа и ние ќе се обидеме на начин на кој што го знаеме сето тоа да го имплементираме – порача Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ во моментот нема изборна кампања, вели Мицкоски, додавајќи дека сега сите активности поврзани со кампањата се трет и четврти план.
Во прв план е макроекономската стабилност, здравјето на граѓаните и борбата со корона вирусот – изјави Мицкоски.
Тој исто така кажа и дека опозициската партија предложила мерки за справување со короната, но оти никој од Владата не им одговара на советите.