Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, во Собранието, се сретна со осумте одметнати пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Средбата се одржа по барање на Мицкоски, информираа од оваа пратеничка група, но повеќе детали за што разговарале не откриваат.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, ставовите за реформските закони и идните предизвици за Македонија“, се наведува во кусото соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека се одржала двочасовна средба, на која, како што велат, се разговарало за функционирањето на правото и правната држава, како и за реформските закони, во кои спаѓа и Законот за јавното обвинителство, што го опфаќа и функционирањето на СЈО.
Средбата следува по двете рунди пропаднати преговори на работната група меѓу власта и опозицијата, како и по најавите на власта дека, освен преговори со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поддршка за законот ќе бара поединечно од пратениците за обезбедување двотретинско мнозинство.
Во октомври минатата година Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи пратениците Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска-Старова, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Зеќир Рамчиловиќ. Заедно со пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ тие гласаа за отворање на Уставот, со што го обезбедија потребното двотретинско мнозинство за промена на името.