Македонија 26. февруари 2021. / 09:19

Мицкоски: Претставници од власта прават сѐ за да ја опструираат набавката на терминали за отчитување на отисок

Мицкоски: Претставници од власта прават сѐ за да ја опструираат набавката на терминали за отчитување на отисок

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Утро со Златев“ на Радио Лидер се осврна на информациите дека ако не се набават терминали за отчитување на отисок на прсти, партијата нема да излезе на локалните избори.

„Тоа нема да се случи, иако тие тоа го посакуваат, да бидеме на јасно“, дециден е Мицкоски.

Тој појасни дека тие терминали се законска обврска.

„Ако го погледнете Изборниот законик во членот 108-а, јасно стои дека следните локални избори мора да се спроведат со набавка на таков тип на терминали коишто ќе отчитуваат отисок на прст и за таа законска измена гласаа сите политички партии во Парламентот, во оној претходниот состав. Гласаше ДУИ, гласаше СДСМ, гласаше и ВМРО-ДПМНЕ, сите коишто беа таму, малтене едногласно. Сега имате во Законот обрска. Претходниот претседател на ДИК, во септември – октомври 2020 година го потсетува Министерството за финансии дека во законот е предвидено да се набават терминали за отчитување на отисок на прст. Министерството за финансии тоа не го предвид во буџетот. Доаѓа до промена на претседателот на ДИК, тој повторно пишува писмо до министерот за финансии. Молк, штама – никаков одговор. И станува јасно зошто не сакаат  терминали за отчитување на отисок на прст. Потоа се вклучувам јас и се почесто ја повторувам истата реченица дека власта сака да ги намести изборите. Уште сега, 7-8 месеци пред одржување  на локалните и се надевам на предвремени парламентарни избори оваа власт ако остане сака да го покраде и следните избори. И тогаш под притисок од јавноста и од опозцијата Министерството за финансии испраќа допис до ДИК и вели – во ред ние ќе обезбедиме средства дали вие сте подготвени да го почитувате Законот. Тоа е исто како да Ве прашам дали сте подготвени на црвено на семафор да застанете“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во Државната изборна комисија има претставници од владејачкото мнозинство коишто прават се за да ја опструираат набавката на овој тип на терминали.