Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека во неговата партија внимателно ќе ја следат јавната расправа за Законот за јавно обвинителство, ќе извлечат главни поенти од расправата и ако расправата придонесе ставовите од експертската јавност да се преточат во текстот,тогаш тој не гледа причина зошто не би го поддржале новото законско решение.
Затоа, пак, Мицкоски истакна дека моменталниот старо-нов предлог-закон во никој случај ја нема нивната поддршка.
– Да ја слушнеме јавната расправа, да видиме што ќе се зборува на таа расправа, да извлечеме едно сиже од тоа што е кажано. Ако тоа, како експертска јавност, биде преточено во текстот на законското решение, на Законот за јавното обвинителство, тогаш ние како ВМРО-ДПМНЕ сето тоа ќе го поддржиме и не гледам причина зошто не би било така. Но, ваков каков што е предлогот, ние како ВМРО-ДПМНЕ, овој старо-нов предлог ниту имаме намера, ниту пак ни паѓа напамет да го поддржиме, зашто не сакаме да поддржиме уште една амнестија и аболиција на политичари од минатото – изјави Мицковски.