Иако изминативе неколку недели имавме институционално насилие во кое се носеа законски решенија за прераспределба, именувања, систематизации, вештачки огласи и сето тоа го загрозува фер и демократскиот процес, не оставаме простор дека овие избори може да бидат одложени, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој рече дека иако имотот на партијата е незаконски замрзнат и практично не е на располагање да може партијата нормално да функционира, но и така, рече Мицкоски, се многу помотивирани.
– Многу повеќе сакаме да го оставиме срцето на терен зошто знаеме дека овој пат главниот влог е Македонија и нема да дозволиме вакви луѓе уште еднаш да си играат со нашата иднина и иднината на генерациите после нас, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека ќе ги поразат опонентите, а потоа народот ќе види што значи фер и вистинско демократско општество, а не општество со лажливи и корумпирани криминални вредности.