Македонија 03. септември 2020. / 10:42

Мицкоски: Нема да дозволиме мафија да ни ги потроши и следните 4 години

Мицкоски: Нема да дозволиме мафија да ни ги потроши и следните 4 години

Јас и ВМРО-ДПМНЕ имаме еден противник: СДСМ и Заев кои создадоа елитизирана каста обединета од криминалот. Оваа власт ќе падне на граѓански протести, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле.

Тој најави жестока битка за поразување на пактот меѓу власта и како што вели политичко-криминалното подземје кое се нуди како опозиција на опозицијата за да се спаси власта. Во разговор за ДВ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говори за претстојните активности на партијата со кои планира да ги реализира најавените цели.

 Тој вели дека СДСМ и Зоран Заев во државата создадоа поларизираност и една елитизирана каста која ја обединува криминалот.

Во таа каста, додава Мицкоски, нарекувајќи ја мафија, обединувањето не е по партиска припадност, туку по интересот за пари и власт, бидејќи таму гледаме дека ликови од различни провиниенции се едно исто.

 И навистина морам да потенцирам дека во општествениот дискурс наметнаа една шизофрена состојба, која е мотивирана и потхранувана од власта, а тоа е создавање на чувство и перцепеција дека за сите неправди, криминали, поларизирања, сиромаштија и економска стагнација не се виновни оние кои се извор на тоа, а тоа е СДСМ и целокупната власт, туку дека е виновна ВМРО-ДПМНЕ која тоа не го спречува, иако ние како партија со сите наши сили се бориме против тоа зло, вели Мицкоски за ДВ.

Според него власта продолжува за своите неуспеси да наоѓа виновник во опозицијата, се фали со рушење на нелегален објект за кој самата овозможила тој да се изгради, наместо да реагира.

Замислете – ние имаме состојба која се гради низ медиумите дека треба да се прослави, на пример, спроведување на законот со рушење на дивоградбата во ‘Мавровка’ кои сами дозволија да се изгради, и сега тоа е вест, а всушност треба да биде рутинска работа на државните органи кои пропуштиле да си ја завршат работатата. Но народот е целосно свесен со што си има работа и допрва нѐ чека напорна работа и многу труд за рушење на овој хибриден режим. Освежувањата кои ги правиме ќе бидат нова енергија во таа борба против власта и верувам во успех, вели Мицкоски.

Тој смета дека во државата има огромно опозициско расположение.

Оваа власт, оваа количина на омраза и поделби креирани од власта, толкава количина на зло, не се руши со еден потег. Тоа е долга борба и оваа власт ќе падне на рати. Изборите кои поминаа беа почетокот на крајот на падот на власта на Заев. Нема нова енергија со старите и истрошени кадри во Владата, која не понуди ништо ново. Воедно тие ги понудија старите ветувања, а нови се само долговите. Оваа власт ќе падне на граѓански протести, а опозицијата ќе се окрупнува. Следува широк опозициски фронт кој ќе биде израз на револт за сиромаштијата, за долговите кои ни ги оставаат и за неправдите кои ни ги причинуваат, потенцира Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Македонија е уникатен пример што во време на корона криза пропадна банка, скандал тежок 200 милиони евра, притоа целосно се заборави на кој начин министерката предвреме г иизвлекла парите, или на кој фирми од Струмица се давани тие неповолни кредити поради кои пропадна банката.

Втората уникатност е по тоа што во време кога сите влади им помагаат на граѓаните, македонската ја поскапи струјата. Екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија и милионски тендери за агенција за обезбедување, која е исто од Струмица. И во тој поглед навистина не се остава простор било што да се пофали. Во нивно време се одлеваат инвестиции, наместо да се привлекуваат. Поентата не е да се фалат дека ќе имаат 600 евра просечна плата, или поголеми пензии. Јас би сакал тоа да е помножено со два, но проблемот е во реализацијата и во отсуството на стратегија. Не постои простор за фалење, кризата со Ковид-19 трае од март, а тие во септември немаат план за почеток на училишната година. Тоа кажува дека не се знае каде тераат, вели Мицкоски.

На крајот во интервјуто Мицкоски зборува и за обидите за преземање на пратеници од страна на мнозинството, за што вели дека пратеничката група останала компактна и покажала дигнитет и почит, пред се, кон граѓаните кои гласале.