Недобивањето на датумот за почеток на преговори со ЕУ е резултат на лошите и погубни политики на Владата на Зоран Заев, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција. Тој побара предвремени избори, а додека тие се организираат потребно е, како што рече, да се спроведат реформи кои треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио, кои ќе го дадат својот максимум служејќи и на државата.
–Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Тоа е политика без концепт, без визија, со многу криминал, корупција, арамилук, неработа и измами. Оправдано се добива чувството кај граѓаните дека таа политика не втурна во бесконечен круг на многу откажувања, многу отстапки, себепорекнувања, подголтнувања, за да на крајот сето ова да заврши со неуспех, рече Мицкоски.
Лидерот на најголемата опозициска партија смета дека ЕУ треба да продолжи да биде наша стратешка цел.
–Јас ја разбирам разочараноста која се јавува кај голем број од граѓаните на нашата држава, и ова не е последица на само една погрешна одлука на Зоран Заев и оваа влада, туку на перманентно погрешни одлуки на кои укажувавме и апелиравме да не се прават, а тие своеглаво продолжија да управуваат кон ѕидот, кој се испречува пред нас. Тој ѕид не е направен од тули соѕидани од Европа за нас, туку ѕид составен од погрешни одлуки и политики на оваа Влада предводена од Зоран Заев. Не смееме ова разочарување да го храниме со други штетни одлуки, нагласи Мицковски.
Тој рече дека не сака да зборува колку биле во право кога велеле да не се прават авантури, кои не внесуваат во самооткажувања, штетни процеси, договори и амнестирања на скандали и афери, туку да размислува за иднината.
– Ќе бидам многу искрен и отворен, јас немам намера понатаму да влегувам во игра на покажување на показалецот и докажувања за тоа кој е крив, а кој бил во право, или да отпочнам некоја си битка за лов на виновници. Исто како што не ни треба маскирање на неуспехот. Не е време за тоа, а на народот му е се јасно и се гледа. Нашиот народ вели секое лошо за добро да е. А, јас безусловно и бесконечно верувам во македонскиот народ и граѓаните на Македонија. Во животот секогаш има избор, и ова не е крајот, туку почеток на промените кои мора да се случат. Треба да излеземе посилни и помудри од секој еден неуспех. Македонија е европска земја, а Европската Унија е наша заедничка цел, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, и покрај големата разочарност испрати порака дека нема време за губење и Македонија го нема повеќе луксузот да загуби ниту еден ден, ниту еден час.
– Оваа власт ќе биде заменета и ќе потоне во заборав и тоа секому му е јасно. Народот бара и посакува предвремени парламентарни избори, исто како и јас, тоа е единствено логично и посакувано решение за да се надмине кризата и оваа повеќе неодржлива ситуација. Колку и да се противи власта, избори ќе дојдат, а со тоа доаѓа и политичкиот крај на Зоран Заев. Во тој меѓу период потребни се реформи. Коренети и брзи реформи, за кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план во најкус можен период, консултирајќи ги експертите и употребувајќи ги сите свои капацитети што ги има на располагање. Овие реформи треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио. кои ќе го дадат својот максимум служејќи и на државата, рече Мицкоски.
Затоа, според него, потребна е средба на државниот врв на која би се диксутирало за сето ова, а пред се за иднината на земјава.
–А, Македонија е пред крупни одлуки, кои ќе донесат промени и има иднина за која сите заедно ќе се избориме бидејќи доаѓа обновата. Изборите се важни, но не по секоја цена да се дојде на власт, туку се потребни за да покажеме на светот, но и кај разочараните кои ги разбирам совршено дека можеме подобро, можеме поинаку и дека има надеж. Македонија ќе успее, рече Мицкоски.