Христијан Мицкоски честитајќи го 2 Август-Денот на Републиката, во своето обраќање во струшкото село Ташмаруништа рече дека „нашата земја мора да има европска иднина, а не затворени граници. Нашата земја мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира“.
Со верба, со труд, со многу труд. И нема откажување. Секоја борба е составена од повеќе помали борби. И на крајот битно е да се оствари целта, победата да биде заслужена и остварена со сопствени сили затоа што така е нашиот код, и така победата е поголема. И доколку на тој трновит пат, се појават предизвици, се појават неправди, незаслужен пораз во некоја битка, тоа никако не значи дека треба да се откажеме. Не. Кога знаеме дека имаме добра мисла и добри намери, кога знаеме дека за правда, принципи и за Македонија се бориме, и кога веруваме во таа битка, и во тие идеали, ние ќе ја оствариме таа целта.
Силна држава Македонија, земја на среќни луѓе, на семејства со насмевки, нашиот народ заслужува среќа, а не држава затворена од сите страни. Нашата земја мора да има европска иднина, а не затворени граници. Нашата земја мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира. Нашата Македонија заслужува подобра иднина, а не заслужува влада која преку огласи бара дивоградби, иако тие стојат пред нејзините очи. Нашата држава заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови кои се сидрото на оваа држава. А нам ни треба едро и силен ветер да одиме напред. Тоа сите ние го создаваме и само ние сме покровители на сопствената судбина.
И многумина од тие лажни морални величини ќе речат ВМРО е поразено и готово, јас велам ништо не е готово, а ВМРО е најсилната, најцврстата и најголемата политичка организација во државата, и сите кои не потценуваат знаат дека најважните битки ги водат најхрабрите и ние ќе продолжиме да се бориме за правда, чесност и принципи. На нашето општество му треба принципи и верба. Верувајте дека можеме, дека ќе биде подобро и дека доаѓаат други одобри времиња. Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други.
Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кој ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први. А нашата победа е заедничка.
Воедно сакам да кажам дека сега по изборите знам како многумина се чувствуваат денес. Огромен број луѓе чувствуваат мачнина од тешкото време и неправдите, еден голем друг дел со неверување гледаат на резултатите од изборите и пропуштената шанса и знам дека ако има можност да го вратат времето велат поинаку ќе постапеле. Исто знам дека многумина ова го сметаат за украден резултат. На сите вие ќе ви порачам дека потполно ве разбирам и сите сте во право, и нема откажување, а борбата продолжува. И јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам од прв до последен, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам ниту да ја изневерам државата. И затоа ние уште посилно ќе се бориме за нашата заедничка иднина. Апостолот Гоце Делчев велеше да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме.
И ова е и внатрешна битка на секој еден од вас во која треба да ја победите апатијата. Блаже Коневски во Везилка пишуваше:
Два конца парај од срцето, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави таги, другиот копнеж и светол и стрвен.
ВМРО-ДПМНЕ е црвениот конец создаден од историја, судбини и копнеж кој ќе го претвориме во победа.
Илинден е огнот на страствената битка за правдини, и тој е резултат на многу илиндени претходно, многу востанија и битки. И на крај Македонија победи. Затоа Петре М. Андреевски велеше нашиот народ Пиреј, а тој е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни, ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера.
Македонија повторно ќе се исправи, главата горе, стаменито и гордо продолжуваме низ нови премрежја и битки за нашата заедничка среќа.
Да сте живи и здрави.
Среќен Илинден, рече Мицкоски