Утрово лидерот на најголема опозициска партија, Христијан Мицкоски имаше празнично интервју за НетПрес на кое беа изнесени повеќе негови ставови за актуелната политичка ситуација во Македонија.
На прашањето што мисли Мицкоски за ситуацијата со Корона кризата, тој го одговори следново.
Катастрофално, циркузантски се справува сегашната власт со оваа криза. За жал, по цена на човечки животи кои се губат и семејни трагедии се случуваат. Би рекол земјава е прва според црните показатели во оваа здравствена криза, ако се земат предвид некои други објективни параметри. Но, тоа не е најголемиот проблем. Проблемот е што никој не сноси одговорност.
И не е само смртноста во оваа криза она што загрижува и плаши. Кажете што се направи во здравството. Еве повторно ќе кажам 900 милиони евра се задолжи државата, има дефицит, еве и 100 милиони ги спасивме некако, но ете со тие 800 милиони што се направи во здравството. Се реновираше некоја болница? Се изградија нови болници? Еве Србија направи две болници во рок од неколку месеци. Што направивме ние? Вакцините ќе ги донесеме последни во регионот и ќе ни пристигнат 5-6.000 дози што се само за 2 до 3 илјади луѓе, а до крајот на 2021-та година ќе ги добиеме останатите дози кога веќе и ќе имаме колективен имунитет. И на најголем дел од населението нема да му треба и ќе ни останат во магацините со поминат рок, па до година ќе ги критикуваме зошто ги фрливте парите. Требаше или да бидете први, или сега нема никаква потреба. Затоа што, според сите предвидувања, колективниот имунитет ќе го стекнеме некаде април-мај, ако вака продолжиме со ова динамика. Чуму ни се после тоа вакцини!? Или за до година, кога ќе им помине рокот, кога ќе ги фрламе? Е, отприлика, таква е математиката на Зоран Заев.