Македонија 13. септември 2020. / 14:12

Мицкоски: Лидерот на Интегра бил финансики мотивиран од друга партија за да направи штета на опозицијата

Мицкоски: Лидерот на Интегра бил финансики мотивиран од друга партија за да направи штета на опозицијата

Лидерот на Интегра бил финансиски мотивиран од други политички партии за да направи штета во опозицијата и да отцепи дел од гласовите, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако дел од членството во партијата на Интегра премина во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние и пред изборите имавме повик за окрупнување на опозицискиот фронт, но за жал дел од оние политички партии кои се надвор од Парламентот, а кои се декларираа како опозициони, еден е таков и лидерот на Интегра, имаме информации и докази дека биле финансиски мотивирани од други политички партии за да функционираат така како што функционираат. Луѓето кои се денеска тука со мене, дел од тие индиции ги потврдуваат со сопствено сомневање дека постојат сериозни финансиски мотиви кај определени самопрогласени опозициони лидери на политички партии, со една цел да направат штета во опозицијата и да отцепат дел од гласовите, што морам да признаам на долг рок е штетно за граѓаните, а на краток рок нив можеби им донесе среде кампања и ново возило патничко кое чини 30-40 илјади евра“, рече Мицкоски.

Тој најави дека во периодот што следи дополнително ќе се окрупнува опозицискиот блок.

„Започнува процесот на окрупнување на опозицискиот фронт. Групации, здруженија на граѓани, поединци, политички партии се оние структури коишто ќе го окрупнат и омасоват опозицискиот блок против оваа мафија којашто денеска се наоѓа во Владата. Започнуваме од денеска, но во деновите коишто следат ќе видите и други примери и други случаи на окрупнување на разни структури во рамките на опозицискиот блок“, рече Мицкоски.