Мицкоски вели дека нема фаворит во пресрет на партиската конвенција за избор на претседателски кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Шефот на опозицијата најави дека ќе му ја даде поддршката на оној што ќе ја добие довербата на внатрепартиските избори.
Влатко Ѓорчев е единствениот кој веќе најави дека планира учество во претседателската трка иако неговата кандидатура официјално се уште не е поднесена во архивата на ВМРО-ДПМНЕ. Таму стои само една пријава и тоа од член на партијата кој не и е познат на јавноста.
Партиски извори за Сител велат дека во партијата се прави анализа, дали да се даде поддршка на истакнат долгогодишен партиски функционер како Ѓорчев или да се направи обид, гласачите да се привлечат со натпартиско решение кое би дошло од научната фела.
Како што дознава Сител, тука во игра влегуваат угледните професори, Гордана Сиљаноска и Саво Климовски кои од повеќе понудени натпартиски решенија најдобро ги поминале партиските сондажи.
За ова, според неофицијални информации се разговарало и вчера на седницата на Извршниот комитет.
Раководството на опозицијата уште еднаш го афирмирало ставот за брзи предвремени избори а партискиот лидер и денеска му порача на премиерот Заев да не одолговлекува и веднаш да побара распуштање на Собранието за да може да се испочитуваат роковите за техничка влада согласно пржинскиот модел.