Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка по повод 1 Мај Меѓународниот ден на трудот во која изразува надеж дека работниците ќе го добијат заслуженото вреднување и уважување.
Овој ден, вели тој, е симбол на борбата за работничките права и на изразувањето работничка солидарност.
-Денес, за жал, голем број граѓани во државата не можат да го остварат едно од нивните основни права, правото на работа, право на плата и пристоен живот. Работничките права се погазени, се обезвреднува и нарушува нивното достоинство. Политиките на владата практично го обезвреднуваат трудот на работникот кој се чувствува незаштитен. Доказ за ова е и последната изјава на министерката за финансии каде всушност рецептот за задржувaњето на бизниси посочи дека е преку отпуштање на работници. Тоа ќе значи десетици илјади нови невработени и десетици илјади семејства во сиромаштија. Никогаш состојбата со работничките права не била полоша. Постојат масовни отпуштања, за сметка на вработувања на некомпетентни партиски кадри на местото на способните, мобинг и заплашување кон работниците кое поминува неказнето. Работникот мора да го добие потребното внимание, вели во честитката од Мицкоски.
Понатаму тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ ги повикува, сите одговорни субјекти во државата, пред сé, Владата да ги почитуваат материјално-социјалните права на вработените утврдени во Уставот на Република Македонија, законите и колективните договори, и да придонесуваат за нивно унапредување, користејќи ги механизмите на социјалниот дијалог, колективното преговарање и договарање. Само така ќе градиме современа, демократска, социјална и правна држава.
-ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори против негативните политики на владата, се со цел подобрување на заштитата на работничките права, подобрување на социјалниот статус на работникот во Македонија и обезбедување на негов подобар стандард. Честит ден на трудот – 1 Мај, порача Мицкоски.