Македонија 09. мај 2020. / 17:30

Мицкоски: Европа ќе ја донесеме пред се затоа што нашиот народ тоа го заслужува

Мицкоски: Европа ќе ја донесеме пред се затоа што нашиот народ тоа го заслужува

Во мое име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да го честитам 9-ти мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

9 мај го означува пресвртниот момент во кој е дефиниран идниот изглед на Европа. Да не заборавиме дека партизаните, како наследници на илинденската епопеја и комитите се изборија за слободата која е скапо платена. Европа е вредности, но и ова е ден кога треба да се празнува слободата и солидарноста. Европа постои како триумф над режимите, угнетувањето, газењето на правата на луѓето.

А Фридом Хаус вели во Македонија владее три години по ред хибриден режим, тоа значи недостаток на слобода, многу корупција и криминал. Земја во која главните од власта рекетираат, а оние кои треба да судат, ослободуваат под притисок на власта. Во овие три години на премрежја, отстапки, болни решенија и договори сеуште сме далеку од посакуваната цел за европската иднина. Дополнето со нови условувања, пречки, барања за отстапки. Неспособната власт во земјава и отсуството на лидерство значи за народот и нашата Македонија тапкање во место. Победата на европските вредности ќе значи победа над оние од власта кои не влечат во мочуриштето во кои тие опстојуваат и сакаат да се идентификуваат. Тоа е нивната претстава за животот, но не и на народот, кој оправдано сака подобар живот и обнова на пустошот кој го оставија за сите нас.

Обновата ќе победи, и тогаш ќе победат европските вредности.Европа ќе ја донесеме пред се затоа што нашиот народ тоа го заслужува, а тоа значи пред се европеизација внатре, стандарди и вредности. Визијата за иднината каква ја заслужуваме, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.