Македонија 03. октомври 2019. / 19:58

Мицкоски: Да се запре егзодусот на нашите најблескави млади во Западна Европа и Америка

Мицкоски: Да се запре егзодусот на нашите најблескави млади во Западна Европа и Америка

Добредојдовте во нашиот прекрасниот град Скопје, каде во текот на следните неколку дена ќе имате можност да разговарате за круцијални прашања поврзани со иднината на нашиот заеднички континент. Пред сè, дозволете ми прво да и се заблагодарам на Фондацијата Конрад Аденаеуер и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии. Довербата и силната конекција на нашата политичка партија со овие две организации е клучна во градењето на лични и институционални капацитети, насочени кон критичко размислување и длабоко разбирање на клучните вредности кои мора да ги поддржи современата европска централна десница, истакна денеска лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на Регионалната политичка академија за млади.

-Живееме во ера во која нашите политички противници се борат со нас во рамките на политичката арена со сè, само не со принципи и вредности, и верувам дека ова е еден од најсериозните политички предизвици со кои се соочува нашето политичко семејство, ЕПП. Ние сме силни кога станува збор за здрава економска и социјална политика, ние сме силни кога станува збор исполнување на ветеното. За жал, ова не е начинот на кој што нашите политички противници гледаат на конвенционално политичко дејствување.

-Изминативе три години нашата нација ја водеше социјалдемократската влада, која беше вмешана во голем број на случаи на широко распространета масова корупција преку непочитување на владеењето на правото, ги зголемија даноците за секоја категорија граѓани, е неспособна да реализира капитални инвестиции и не донесе ниту една опиплива реформа во која било област клучна за европската интеграција. Тие се фалат секојдневно за тоа колку се транспарентни. Ќе се согласам, дека не сум видел потранспарентно корумпирана влада на кое било место во светот. Тие не ја негираат корупцијата, туку се надеваат дека ќе добијат уште некој ден мандат за да продолжат со истото, истакна Мицкоски.

-Тековна работа на нашата партија, во опозиција, е да донесе суштинска и опиплива промена. Да се запре егзодусот на нашите најблескави млади во Западна Европа и Америка; да се создадат добро платени работни места со висок квалитет; да се справи со екстремните нивоа на загадување; да се намалат даноците и да се поттикне претприемништво. Ние мора да го европеизираме нашето општество одвнатре – ова е единствениот начин да ја поставиме нашата нација на брз пат кон членството во Европската унија, додаде тој.