Македонија 01. јануари 2021. / 11:47

Мицкоски: Барањата на Бугарија не се ниту човечки, ниту етички, туку се тотално надвор од здравиот разум

Мицкоски: Барањата на Бугарија не се ниту човечки, ниту етички, туку се тотално надвор од здравиот разум

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вчерашното интервју за ТВ Клан рече дека барањата на Бугарија се неосновани и нереални.

-Тие всушност бараат Македонците да признаат дека не постоеле до 1945 година, а од наредната година почнале да постојат. Тоа е нешто што не е ниту логично, ниту пак реално во денешната политика во којашто јасно е прецизирано се што е поврзано со македонската нација. Како ние да им објасниме на оние кои заминале во белиот свет на почетокот на дваесетиот век, а се Македонци, дека всушност тие не биле Македонци, туку дури после 1945 постои македонската нација? Ние сме разговарале со многубројни иселеници кои своите животни патишта ги креирале подалеку од овој континент, и тие луѓе насекаде велат дека се горди Македонци и ништо друго. Тоа е доволен показател за тоа дали Македонците постојат оттогаш од кога велат бугарските политичари или пак од многу одамна, рече Мицкоски.

Вели дека овие барања не се ниту човечки, ниту етички, туку се тотално надвор од здравиот разум. Според него, на ова не треба да молчат бирократите од Брисел, туку е неопходно и Европската унија да ги притисне бугарите.

-Во тој кош не е само Македонија, туку и Албанија. За нив пак, Бугарија вели дека треба да го признае бугарското малцинство, за кое што нелогично е да се дискутира, бидејќи таквото барање е неосновано. Албанија и Бугарија немаат заедничка тема по тоа прашање, бидејќи никако не граничат. Тоа е доволен показател за кошкањето од Република Бугарија која што сега веќе јасно се гледа дека го прави поради наоѓање проблем и онаму каде што го нема, заврши Мицкоски.