Наместо Заев да води магарешки инает нам ни треба државничка подготвеност, отворено да дискутираме за работите важни за земјата и за нашите граѓани. Токму затоа побарав лидерска средба на која ќе разговараме за прашањата поврзани со националната катастрофа поврзана со Ковид кризата, но и политичката и економската криза која доаѓа паралелно со Ковид кризата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Овде не е во прашање дали јас или Заев сме во право туку колку животи на наши сограѓани можеме да спасиме, колку луѓе утре ќе бидат со своите најмили, со семејствата. Овде завршува политиката и почнува дораснатоста за зрели одлуки. Во таа смисла имајќи во предвид катастрофата со која се соочуваме треба да се искористат сите расположливи потенцијали на најдобрите умови во земјата да се направи соединување на најдоброто во сите области и да се спасуваат човечки животи, да се носат брзи одлуки кои ќе спасуваат животи но и судбини на луѓе, додаде тој.
Мицкоски потенцира дека ако на пролет кога беше првиот бран од оваа катастрофа велеа дека блескаме и дека работата ја имаат под контрола мислејќи дека во текот на летото интензитетот ќе се намали и тие ќе бидат хероите сега драги пријатели се движиме кон многу потежок период од есента доаѓа зимата а ние за жал поради овие калкулантски политики на оваа политичка мафија ќе ја пречекаме оваа зима неподготвени. А тоа денеска чини човечки животи.
Неспособноста нивна не е политичка придобивка за опозицијата туку уште еден човечки живот помалку на трпезата на ручек, вечера. Уште едно загубено работно место уште едно предавство и понижување. Затоа еден почитуван мој пријател соборец сопартиец ќе рече не ти требаше да бараш лидерска средба никогаш опозицијата не бара власта не дава. Да можеби е тоа така во некои други мирнодопски времиња но денеска ние се бориме за опстанок. Ова е повеќе од воена состојба катаклизмата е пред нас. И кога гледате дека нема разум чест и честитост тогаш единствено нешто што ви преостанува е сами да се изборите за тоа што можеби вам ви припаѓа. Да се изборите за вашиот народ за вашите сограѓани да се изборите за Македонија. Ете затоа ја побарав таа лидерска средба. Затоа почитувани пријатели нема простор за суетност и гордост, туку за одговорност кон својата држава и граѓаните на Македонија. Затоа треба да се седне и разговара. Тоа ќе значи и спасени животи. И го барам ова не затоа што Заев ми е мил, туку затоа што се работи за нашата татковина и нашите најмили, рече Мицкоски.