Македонија 21. декември 2019. / 15:10

Мицкоски: На Македонија ѝ требаат победи, 12 април е денот на македонскиот референдум, нашиот 8 септември

Мицкоски: На Македонија ѝ требаат победи, 12 април е денот на македонскиот референдум, нашиот 8 септември

„Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе!, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето воведно обраќање на големиот собир насловен како „Обновата доаѓа“, кој се одржува во спортската сала „Јане Сандански“.

– Тоа значи еден чекор кон целта, а конечниот крај на оваа власт, што ќе значи победа на народот, доаѓа за три и пол месеци од денеска, доаѓа победата на народот! Издржавме три години со штета која ја направија за 300 години, ќе издржиме уште три и пол месеци, порача Мицкоски.

Тој потсети на трите години долги колку триста години под власта на СДСМ и на штетата што ја направила оваа власт.

– Ги издржавме три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три и пол месеци. И одговорот следи на 12 април, а јас знам каков ќе биде. Следи громогласно ехо на народот, силен татнеж на обесправените, осиромашените, на измачениот народ, на оној чиј образ пробаа да го извалкаат, чие достоинство го тргуваа, чија кичма ја виткаа како да е нивната. Излегува народот, македонскиот народ и граѓаните на Македонија кои се креваат, а Македонецот кога бил сложен и обединет, поместувал планини. Така ќе биде и овој пат. 12 април е тој ден, денот на одговорот. Македонскиот референдум, нашиот 8 септември. Денот “Д“ кога народот одлучува, а таа одлука значи победа, победа на Македонија, заедничка, силна, исправена, рече Мицкоски.