Македонија 02. февруари 2019. / 13:04

Мицевски: Собранието се претвора во монструозна институција, пратениците си судат меѓу себе

Мицевски: Собранието се претвора во монструозна институција, пратениците си судат меѓу себе

Ова е осми пат да се бара на некој пратеник да му се симне имунитет. Навистина е тешко денеска да се биде прстеник, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на почетокот на работата на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која што се одлучува по барањето за одобрување притвор на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

-Колегата Димовски достоинствено присуствуваше и редовно се појавува секаде. Не знам како може да избега, ако сакал можеше и до сега. Обвинението за ‘тероризам’ Димовски го почитуваше и редовно се појавуваше на сите судски процеси и рочишта. Укинувањето на имунитетот ќе биде негова неможност да се брани за слобода. Барам да преовладее свеста, за Димовски да ја докаже невиноста- рече Мицевски.

Мицевски смета дека Собранието се претвора, во како што вели, една монструозна институција каде пратениците си судат меѓу себе.

На ова возврати претседателот на Комисијата, пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски.

-Ние не го ставаме Димовски во притвор, туку дозволуваме судот да работи непречено. Ќе ја поздравам дисциплираноста на Димовски, но ние не сме тие што ја ценат дисциплината на колегата туку да видиме дали се исполнети условите за одземање на имнитетот. Судот е оној кој ќе одреди дали некој ќе се брани за слобода или не- рече Богоевски.

Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ му одговори дека „бараат судот веднаш да го стави Димовски во притвор, со намера да започнат со купување гласови пред изборите“.

Богоевски, пак, ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека тие стојат на патот за Димовски да си ја докаже невиноста.

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска одлучува во однос на барањето за одобрување притвор на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, поднесено од скопскиот Кривичен суд, Одделение за организиран криминал и корупција.

Кривичниот суд вчера одреди 30-дневен притвор за поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и поранешниот заменик министер Кристијан Делев, додека на поранешниот министер Ацо Спасеновски заради утврдени здравствени проблеми му беше определена мерка куќен притвор.