Македонија 26. октомври 2018. / 12:50

Месец дена притвор доби поранешниот градоначалник на Демир Капија

Месец дена притвор доби поранешниот градоначалник на Демир Капија

Основното јавно обвинителство за организиран криминал отвори истрага против поранешниот градоначалник на Демир Капија. ОЈО го товари Трајче Димитриев и уште три други лица за злоупотреба на службената положба и овластување. Судија на претходна постапка на тројца им определил мерка притвор, а на четвртообвинетиот куќен притвор. Димитриев се сомничи дека откако потпишал договор со Делегацијата на Европската унија за реконструкција на училишна зграда која половина била на општината а половина на негова братучетка, општинскиот дел подоцна и го продал за десет пати пониска цена од пазарната.

– Првоосомничениот во својство на извршен орган на општината, потпомогнат од второ и трето осомничените и поттикнат од четвртоосомниченото лице во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што со четвртоосомниченото лице склучил договор за продажба на објект – реконструирана стара училишна зграда и земјиште во сосопственост на Општина Демир Капија за износ десет пати помал од реалната пазарна цена. При продажбата не е земена предвид претходно инвестираната реконструкција на објектот со средства од Договорот за грант од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ наменет за Република Македонија. На тој начин четвртоосомниченото лице се стекнало со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Општина Демир Капија, велат од ОЈО.

Меѓутоа Димитриев не застанал тука. Во 2017-та година исто така на свој близок роднина ја подарил и фондацијата „ЦЕНЕТ“ основана со општински пари.

– Првоосомничениот во текот на 2017 година без надомест ја отстапил фондацијата чиј основач била Општина Демир Капија на свој близок роднина, со што му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на општината во износ од 4.208.922,00 денари. Со преземените дејствија осомничените го оштетиле Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 5.021.000,00 денари и буџетот на Општина Демир Капија во износ од 10.434.569,00,00 денари, соопшти Основното јавно обвинителство.

Екс градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во четири наврати ја извршувал оваа функција. Првите два мандати ги врзал во периодото од 1996-та до 2005-та година, потоа прави пауза од 4 години па поддршката повторно ја добива на изборите во 2009-та година а на изборите во 2013 година, по четврти пат жителите на општина Демир Капија му овозможуваат да седне во удобната градоначлничка фотелја.