Укинувањето на полицискиот час не значи укинување на препораките за заштита од корона вирусот.
Надлежните апелираат до граѓаните во целост да ги почитуваат мерките и препораките, особено за задолжително носење на заштитна опрема, често миење и дезинфицирање на рацете, како и одржување на потребната физичка дистанца од 1.5 до 2 метра.
Од МВР најавија дека и покрај укинувањето на рестрикциите за движење, полицијата и натаму ќе врши и ќе ја зајакне контролата на спроведувањето на одлуки за заштита на здравјето и животот на граѓаните, особено за носењето заштитна опрема и држењето на потребната дистанца.
Апелирам да го задржиме потребното ниво на одговорност и дисциплина и да ги почитуваме мерките и одлуките на Владата за задолжително користење лична опрема, за групирање и држење физичка дистанца. МВР останува посветено на контрола на овие одлуки на Владата и заштита на здравјето и животот на граѓаните – порача министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Според евиденцијата на полицијата, досега 1.973 граѓани се санкционирани за непочитувење на обврската за задолжително носење лична заштитна опрема. Само вчера биле регистрирани 284 такви прекршоци.
Министерството за здравтсво соопшти дека во изминатотото деноноќие се потврдени нови 25 случаи на Ковид-19, а три лица починале.
Од новозаболените, 14 се во Скопје, четворица во Штип, по двајца во Куманово и во Тетово, и по еден во Прилеп, Струга и Велес.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 2.039, а бројката на починати е 119.