Германската канцеларка Ангела Меркел пред Европскиот совет што се одржува денеска и утре призна дека шансите за постигнување едногласна согласност за давање датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија не се добри, јави Дојче веле на македонски јазик.
-Ние имаме одговорност кон овие држави. Мислам дека се исплаќа на Северна Македонија и на Албанија да им се даде европска перспектива, изјавила Меркел во Бундестагот.
Според германската канцеларка, во меѓувреме се изградени мостови кон ЕУ-партнерите , кои сѐ уште имаат задршки кон почетокот на пристапни преговори со Македонија и Албанија и инсистираат на поголема транспарентност на процесот на проширување.
Германија, како што изјавила Меркел, чувствува посебна приврзаност кон земјите од Западен Балкан и сака да ги приклучи кон ЕУ, а приемот на земјите од Балкан е во интерес на Германија и на самата ЕУ.
-Мораме да опстоиме на дадените ветувања кон овие земји, зашто тоа ќе значи и обезбедување стабилност и благосостојба на самата ЕУ, вели таа.